Поранешниот директор на затворот во Струга, Арменд Шаќири, осомничен за злоупотреба на службената функција, веднаш беше назначен на нова локална функција во едно од комуналните претпријатија во Струга. Неговата оставка од директорската позиција и назначувањето на нова функција не ја коментира првиот човек на Струга Рамиз Мерко. Мерко не одговори на повиците на Алсат.

Според нашите информации за злоупотреба на службената положба осомничен е и полициски инспектор, кој наводно соработувал со Шаќири и со затворениците во трговија со дрога. Од Министерството за внатрешни работи велат дека поради предистражната постапка не можат да ги споделат деталите од акцијата во Струга, но посочуваат дека заедно со Јавното обвинителство го испитуваат случајот. Иако Шаќири ја поднел оставката пред две недели, владата ја прифати дури на вчерашната седница.

„Владата на Република Македонија вчера го прифати барањето на директорот на затворот Струга за негово разрешување. Барањето беше депонирано пред неколку дена. Поточно, претходната седница, значи пред околу 10 дена, но владата по разгледувањето на прашањето во комисијата за кадровски прашања, ја констатира оставката“, изјави Мухамед Хоџа – Портпарол на Владата.

Во јавност се зборува дека во криминалната мрежа биле вклучени и припадници на полицијата и стражарската служа, па дури и структури од УБК. Оттука, се наметнува дилемата дали оставката на Шаќири била спонтана или однапред подготвена. Операцијата во Струга, според извори на АЛСАТ, се фокусирала на дилери на дрога следени и со посебни истражни мерки, вклучувајќи го и директорот на затворот.

Бесијан Лека

Shpërndaj me