Министерот за животна средина Садула Дураку и министрите без ресор Зоран Шапуриќ и Рамиз Мерко засега без конкретно решение за проблемот со струшката депонија. По средбата со в.д. градоначалникот на Струга, Мустафа Забзун, било решено работата да им ја препуштат на експертските тимови кои веќе биле формирани. Од нив ќе се чекаат мерки кои потоа ќе бидат доставени до владата.

 „…Мора да се има стручен пристап за брзи краткорочни решенија. Кракторочни решенија се да се згасне прво пожарот и да се види со која механизација се располага.“ – изјави Зоран Шапуриќ- министер без ресор

А, министерот Садула Дураку и самиот доаѓа од регион каде има проблем со депониите.

Новинар: „Како планирате да го решите проблемот со депонијата во Струга кога не успеавте да го решие проблемот со депонијата во Липково, каде до неодамна бевте градоначалник?“

 С. Дураку: „Ние мислиме дека сите диви депонии во Македонија, министерот кој сега само што стапил на функцијата не може да ги реши за еден месец. И градоначалниците се тука со регионални проекти кои се финансираат од ИПА фондовите… за една до две години сите диви депонии ќе се затворат.“

Според в.д. градоначалникот на Струга, во неговиот случај станува збор за владин, а не за локален проблем.

„Проблемот кој е ургентен за решавање е од повеќе димензии. Прво мора да се изгасне огнот, второ да се конзервира и иствремено да се гаси огнот и трето да се најде краткорочно решение. Вие знаете и граѓаните дека побаравме од општина Охрид да го носиме сметот во Буково, но тие не ни дозволија.“ –  изјави Мустафа Забзун-градоначалник на Струга

За таа цел ќе има и нова средба со општината Охрид за да се види можноста струшкиот смет да се носи во охридската депонија. Сепак, без разлика на денешните ветувања на политичарите, во Струга за утре се најавени нови протести поради депонијата.

Мики Трајковски

Shpërndaj me