Струшката дијаспора се жали на долгиот период и како што велат, бавните процедури за добивање на македонски пасош. Откако ќе ги поднесат сите потребни документи, се случувало пасошот да го добијат по три или четири недели. Многу од иселениците престојот во Струга го користат токму за да извадат пасош или лична карта. Од организацијата на иселеници од Струга бараат рокот за издавање на пасоши да се забрза.

Ние бараме од МВР да преземе нешто во врска со ова бидејќи ние доаѓаме овде, ги оставаме нашите пари, ја креваме економијата на градот, но гледаме дека ништо не се прави за нас. Како дијаспора од Струга сакаме МВР, министерот и заменик-министерот кој е Албанец да се преземе нешто за да не се малтретираат нашите граѓани кои се од дијаспората – изјави Премтим Дема- организација „Дијаспора за Струга“.

Во полициската станица во Струга се чека во редици за аплицирање за пасош. Поради ова се создава голем револт.

„Тенденцијата е дијаспората што помалку да доаѓа тука на одмор. Но, ние напротив, ќе се залагаме и ќе вложуваме труд во овој град.“

„Еве, скоро трета недела чекам и сè уште кажуваат денес – утре. По скратена постапка, редовно, но се чека. Премногу се чека, а овде се и странците и секој чека. Големи гужви има и повеќе од 500 луѓе нон-стоп чекаат.“

„Луѓето од дијаспората ги гледаат само за манипулирање. Не земаат мислење од дијаспората што треба да се прави. Власта не нè кани на средби. Дијаспората ја гледаат само како да профитираат од неа.“

Од МВР се правдаат дека причина за ваквата состојба е зголемениот број на барања за лични документи во овој период од годината кои требало да се обработат.

Мики Трајковски

Shpërndaj me