Странците кои лани престојувале во Македонија, од банкоматите извадиле 322 милони евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека речиси идентична е сумата која ја направиле при купување со картичка во продавниците . Извештајот на централната банка покажува дека најмногу пари странците во 2017- та потрошиле во август кога земјава е најпосетена од туристите од регионот но и од пошироко. Најмногу пари во земјава странците потрошиле за сместување ,вечери во ресторани и купување сувенири. За еден ден поминат во Македонија  според податоците, се трошеле од 50 до 150 евра по човек, во зависност од активностите.

“Ние сме од Турција , а Турција не е од Еврозоната, па за нас е малку скапо, веројатно тоа не е така и за туристите кои доаѓаат тука од Европската Унија. „

„Само што го плативме сместувањето , може да кажам дека е за нешто поевтино од  Албанија и Црна Гора каде што претходно бевме, само малку поевтино, но тоа е се што знаеме до сега бидејќи само што пристигнавме .„

“Скопје е навистина убав град. Ни се допаѓа. Имаме впечаток дека е евтин град. Храната , хотелите, навистина се е евтино“, велат неколкумина туристи.

Во август лани  странците потрошиле најмногу – речиси 55 милиони а вториот месец од годинава е најслаб со инкасирани само 16 милиони евра.

Лани странците потрошиле повеќе пари во Македонија во однос на 2016-тата година. Податоците на Народната банка покажуваат дека пред две години странците оставиле во земјава 270 милиони евра, што е за 50 милиони помалку од 2017-тата.

Ланската година во однос на 2016-та има зголемување на странските туристи за 23,5% , покажуваат податоците на државната статистика. Податоците велат дека токму овие гости придонеле и да се зголеми и бројот на ноќевања за истиот период за речиси идентични 23%. Најбројни се гостите од соседството, потоа од Турција,  западно европските земји,  а се почести гости доаѓаат и од азиските земји.

Иле Петревски

Shpërndaj me