Речиси една недела стопанството е парализирано. Затворени се сите угостителски објекти, освен оние кои решиле да работат само на достава. Не работат ниту занаетчиите ниту давателите на останатите услуги за граѓаните. Вработените во производствените капацитети на работата одат во преполовен број или на смени. Властите велат, здравјето пред се,  но бизнисот веќе ги пресметува штетите.

„Клучно е Владата да им помогне да го пребродат тој период, би рекол во првите три месеци. Можеби ситуацијата ќе налага и понатамошна помош, секако во моментов економијата функционира во исклучителна неизвесност каква што претходно не е видена, така што не можеме да кажеме кога таквата потреба за помош од владата ќе постои. Меѓутоа, она што е ургентно е тие да може да ги пребродат првите два до три месеци. “-рече Марјан Петрески Универзитетски професор.

Професорот потврдува дека секторите угостителство и транспорт ќе бидат најпогодени и таму ќе треба најмногу помош од државата. Но, засега институциите немаат точна бројка, колку работници во моментов седат дома, или пак го загубиле работното место. Вицепремиерката за економија веќе изјави дека прерано е да се зборува за висина на штети.

„Штетите во моментов е невозможно да се проценат. Ниту колкав ќе биде периодот на траење на штетите, ниту пак колкав е обемот во моментов. Затоа што тек почнуваме да ги чувствуваме ефектите. Несериозно е да излегуваме со такви податоци. Затоа ја следиме динамично ситуацијата “-изјави Мила Царовска вицепремиерка за економија.

Засега стопанството на располагање од владата доби околу 12 милиони евра. Првичните проценки на властите се дека ќе бидат потребни најмалку 100. Како мерки за помош на бизнисите од владата понудија, безкаматни кредити, делумно ослободување од плаќање на придонеси, а во најава се и намалување на царината на репроматеријали за производи кои во моментов се најпотребни. Бизнисмените веднаш се пожалија дека не се задоволни од мерките, и очекуваат повеќе помош од државата.  Опозицијата пак излезе со свои сет на мерки за спас на економијата во кои предлагаат замрзнување на обврските на компаниите кон државата чија што работа е поврзана или е погодена со ситуацијата. Бараат и одложување на обврските на фирмите кон банките, најмалку за овој месец. Дополнително, државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите во висина од 50 отсто од вкупниот трошок по вработен.

Иле Петрески

Loading...

Shpërndaj me

Loading...