Резервирани и без големи очекувања се македонските стопанственици дека домашната економија ќе се офајди од најавите за „мини шенген“ во регионот. Соработката на Македонија – и со Србија и со Албанија е одлична, а проблемите кои ги имаме на економски план тешко би се решиле со ваква квази-форма, особено со идејата за слободен проток на лица и стоки, вели за Алсат, Данела Арсовска претседателка на Сојузот на стопански комори.

Од перспектива на Македонија ние не гледаме дека нешто многу можеме да добиеме со ваквиот сојуз или со ваквото сегрегирање во микро-регионот само со три држави. Ова го кажуваме затоа што Србија преку ова би имала влез на пристаништето во Солун и преку Албанија до пристаништето во Драч. Од аспект за Албанија, ваквата соработка би можела да овозможи нивни напредување од аспект на она што ние веќе сме го имплементирале – изјави Данела Арсовска претседателка на ССК.

Од Стопанската комора на северозападна Македонија пак велат дека ова не е прв пат да има ваква иницијатива за „мини шенген“ на Балканот. Од ова бизнис-здружение сметаат дека придобивките би биле поголеми за сите ако повеќе земји се вклучат во проектот.

Порано бевме сведоци дека во некои случаи правилата на ЦЕФТА беа прекршувани и имавме пречки во циркулацијата на стоки и услуги. Евидентно е дека Република Македонија, од аспект на перспективата за Европска Унија не може да очекува да биде член на ЕУ минимум до 2025 година. Оваа идеја може да ù помогне на земјата, конкретно на бизнисите. Но, пристапот е категоричен, дека мини-шенгенот треба да биде инклузивен, да ги вклучува сите држави кои можат да имаат корист за да имаат пристап до различни пазари во регионот – изјави Дрилон исени извршен директор на СКСМ.

Одговорниот за економските политики на Владата Кочо Анѓушев идејата за „мини-шенген“ како регионално поврзување ја оценува за добра. Но, вели мора да бидеме претпазливи и да не бидеме препознаени дека ваква регионална иницијатива може да биде замена за европската иднина на Македонија. Инаку, во Нови Сад пред неколку дена премиерот Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама договорија зголемување на соработката помеѓу трите земји. Конкретните мерки ќе бидат соопштени на 10 ноември кога е закажана и втората средба во ист состав, овој пат во Охрид.

Иле Петрески

Loading...

Shpërndaj me

Loading...