И претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески им порача на властите да не брзаат со даночните реформи. Азески смета дека треба да се пролонгира рокот за оданочување на капиталните добивки. Тој е на ставот дека поголеми негативни ефекти од оваа најавена мерка би имале граѓаните, но сигурен е дека и дел од  фирмите ќе почувствуваат последици.

„Мислам дека треба да дојде до пролонгирање, во ваква ситуација во каква што се наоѓаме да се искористат сите механизми за стимулирање на економската активност и затоа мислам дека е добро да се пролонгира“, рече Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија.

Колебливите изјави, прво на вицепремиерот Кочо Анѓушев, а потоа и на новата министерка за финансии Нина Ангеловска, за тоа дали од први јануари идната година ќе се даночат капиталните добивки продолжија и денеска. Ангеловска тврди дека омекнатите владини ставови по ова прашање не се предизборно додворување. Ангеловска потврди дека ќе има  средба со претставници на Македонска берза и Комисијата за хартии од вредност и ќе се разгледува барањето за одложување на оданочувањето на остварениот приход од продажба на хартии од вредност. На прашањето, кој ќе го има последниот збор, таа вели:

„Последниот збор ќе го дадат податоците. Како што викаат – пред фактите и боговите молчат“, рече министерката Ангеловска.

Со даночната реформа од 2020 година се предвидува да се оданочат капиталните добивки, дивидендите, банкарските заштеди, приходите по основ на кирии и добивки од игри на среќи тоа со стапка од 15 отсто. Или попрецизно, со 15% ќе се оданочуваат добивките од орочените средства за сума над 15.000 денари. Ставот пак на владата за прогресивното оданочување е дека на тој начин ќе се соберат повеќе пари во државната каса и ќе се намали нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните. Инаку, според анкетните листови, новата министерка има банкарски заштеди од околу 300.000 евра, а вицепремиерот Анѓушев близу 3,8 милиони евра.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...