Македонија официјално доби покана за членство во НАТО. Поканата е во рацете на премиерот Зоран Заев кој овој настан го оцени како историски, но и како покана која гарантира посветла иднина за граѓаните на Македонија. Според Заев, со членството во НАТО, Македонија станува побезбедна и заедно со Алијансата станува дел од меѓународниот механизам за борба против глобалните закани, како што се тероризмот и насилниот екстремизам.

Генералниот секретар на НАТО рече дека на ова треба да се радува цела Македонија.

„Верувам дека договорот за името е за доброто на вашата земја и поширокиот регион. Ви честитам за политичката храброст и им честитам на сите кои учествуваа со нивните заложби за подобра иднина. Овој компромис ù ги отвори вратите на вашата земја за да станете полноправна членка на НАТО“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Столтенберг соопшти дека по техничките преговори ќе почнат подготовки за полноправно членство на Македонија во НАТО како 30 членка со еднакво право на глас во Алијансата.

Арта Тахири

Shpërndaj me