Пет часа во Обвинителството за организиран криминал, обвинителката Лиле Стефанова од СЈО раскажуваше што знае за случајот „Рекет“. Ако пред колегите како сведок имала што да каже, пред камерите кажа малку. Рече дека сè што знаела – кажала, со оглед на фактот дека Стефанова ја води истрагата за случајот „Империја“, каде осомничени за перење пари се повеќе бизнисмени – меѓу нив и Орце Камчев. Камчев пак, сега е главен сведок во „Рекет“ – пријава изнуда на 1,5 милиони евра, а за возврат требало да се стопира истрагата на СЈО против него.

„Сè што можев да споделам со јавноста јас го споделив во даденото соопштение во петокот. Денес дојдов овде во својство на сведок, од девет часот, па до сега, од прилика пет часа давав исказ како сведок и сè што ми е познато за овој случај го изнесов пред надлежниот јавен обвинител. Имајќи го мојот статус на сведок и тајноста на истрагата не можам да дадам ниту една друг изјава во однос на она што го имам кажано“, рече Стефанова.

Стефанова одлучи да не одговара на новинарски прашања. Во петокот таа информираше дека имала несогласувања со Катица Јанева за случајот „Империја“. Стефанова не сакала осомничените од притвор да бидат пуштени во куќен притвор, а не се согласила ниту да му се врати пасошот на Орце Камчев. Засега во „Рекет“ осомничени се само Боки 13 и Зоран Кичеец. Судот денеска им одреди нови 30 дена притвор.

Обвинителството ги гони за изнуда од 1,5 милиони евра од Орце Камчев. Му ги зеле парите со ветување дека ќе влијаат во СЈО да се запре случајот „Империја“против него. Италијанскиот десничарски весник „Ла Верита“ објави аудио-разговор меѓу Боки 13 и Камчев, но каде се слуша и Катица Јанева. Шефицата на СЈО го смирува Орце Камчев дека преземените чекори за „Империја“ се под контрола, а го убедува дека ја контролира и обвинителката Лиле Стефанова. Јанева не демантираше дека зборувала со Камчев, но тврди дека не била поврзана со рекет-шемата на Боки 13.

Бојан Стојановски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...