НАТО ја преживеа средбата на лидерите кои поради судирите меѓу некои од државите-стожери го доведуваше во опасност дури и опстојувањето на самата Алијанса. „Добри, конструктивни и продуктивни“, вака ја оцени средбата генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Ние не само што гледаме назад во историјата, туку гледаме напред кон иднината и продолжуваме да се адаптираме. Ја завршивме средбата со ракоплескање, демонстрирајќи го на тој начин единството на оваа Алијанса. Покрај разликите, ние сме единствени во однос на суштествените задачи за меѓусебна заштита“-рече Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Столтенберг додаде дека во тој дух лидерите донеле многу важни одлуки: Ангажирање на 30 батаљони, 30 воздухопловни ескадрили и 30 воени бродови; усвоија акциони планови за борба против тероризмот, односно ИСИС и мисиите во Ирак и Авганистан; донесоа одлука за зголемување на буџетот за зајакнување на дијалогот со Русија и за вклучување на Кина во контролата на оружјето. Лидерите беа единствени и што се однесува до зачленувањето на Македонија.

„Северна Македонија и премиерот Зоран Заев беа срдечно примени на денешната средба. Сите очекуваме да ја видиме Република Северна Македонија како 30-та членка. Ова демонстрира дека вратата на НАТО е отворена. Силно веруваме дека зачленувањето на Република Северна Македонија ќе биде добро за нас, но и за регионот. А, не ми следува да го коментирам проширувањето на ЕУ.“-изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Сепак, оваа средба на НАТО ќе се памети по многуте конфликти и ставот на францускиот претседател, Емануел Макрон дека НАТО е во кличничка смрт. Доналд Трамп искоментира дека станува збор за непристоен коментар, а турскиот претседател Ердоган возврати дека всушност мозокот на Макрон е во клиничка смрт. Трамп инсистираше дека НАТО е посилно од кога и да е и оти сите држави мора да си ги плаќаат обврските, а Макрон остана цврсто на ставот дека треба да се има јасна визија каде завршуваат парите.

„НАТО се менува, станува поголемо и посилно од порано, затоа што нашите луѓе ги исполнуваат нивните задачи. Со земјите кои не ги исполнуваат обврските, по сè изгледа јас ќе се занимавам…“-рече Доналд Трамп, претседател на САД.

„Жал ми е да кажам, но на маса немаме иста дефиниција за тероризмот. Кога ја гледам Турција, сега се борат против оние коишто се бореа со нас, рамо до рамо против ИСИС…“-истакна Емануел Макрон, претседател на Франција.

Разликите меѓу Турција и Франција не беа надминати ниту по денешната средба. Барањето на Турција, НАТО да ги смета курдските вооружени групи како терористички, не беше прифатено. Поради тоа, сега виси поддршката на Турција за одбраната на балтичките земји и Полска од можни руски напади. Сепак, НАТО не ја санкционираше Турција поради купувањето на руските ракетни системи С-400, но беше нагласено дека НАТО нив никогаш нема да ги користи.

Анеса Алити

Loading...

Shpërndaj me

Loading...