Ветинг ќе има, но не е јасно како ќе се спроведе. Антикорупциска комисија да го проверува имотот на судиите, а Судскиот совет, пак, да решава за нивната стручност. Ова го предложиле судиите од Албанија на регионалната конференција на судиите, која се одржа пред една недела во Охрид, открива за Алсат, врховниот судија, Џемали Саити. Но, вели, потребна е дебата.

„Од овој момент па натаму треба да се развие дебата. Ова е иницијатива којашто не еднаш била изложена. Ние го знаеме ставот на меѓународната заедница, ние потесно соработуваме со многу фактори на кои предзнак им е владеењето на правото. Останува да се види, дали навистина намерата е да се спроведе таков процес, кој според мене е дискутабилен во однос на ефектите кои би се постигнале“, вели Џемаил Саити, претседател на здружение за судии.

Спроведувањето на „Ветингот“ нема да биде лесен процес и треба да се почне побрзо, а не да се чекаат изборите вели судијката Маргарита Цаца Николовска. Важно е и кој ќе членува во комисијата која ќе одлучува за иднината на судиите. Ако се утврди корупција кај судија, таа смета дека треба и кривично да одговараат.

„Час поскоро треба да се почне со овој процес. Овој процес не може да биде врзан исклучиво со изборите. На сите во Македонија, било која политичка партија е на власт, треба да и биде првенствено разрешување на проблемите во судството од повеќе аспекти, непристрасност, независност, квалитетот во работењето, некорумптивноста, квалитетот, сè се тоа вредности кои треба да ги поседува еден судија. Јас би рекла истите овие вредности треба да се префрлат и кај обвинителите, зашто и таму гледаме проблеми“, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешена судијка во Европски суд за човекови права.

За првиот човек на телото кое именува, унапредува и разрешува обвинители, ветингот е деликатно прашање.

„Доколку немаме доволен број на јавни обвинители, тогаш, јавните обвинителства ќе бидат неажурни и граѓаните нема да бидат задоволни од постапувањето на јавните обвинители. Колку е помал бројот на јавни обвинители, толку поголем број на предмети ќе заостануваат во работата и ќе немаме ниту квалитет“, рече Ацо Колевски, претседател на Советот за јавните обвинители.

Ветингот е сериозен процес и не треба да биде направен само на хартија, а во пракса ништо да не се презема. Според поранешниот антикорупционер, Ариф Муса, потребна е професионалност и политичка волја за да има реализација.

„Проблем е ова да се постигне, зашто уште во државата не сме креирале независни кредибилни институции, кои не се зависни од политиката.     Зборуваме за судство кое треба да биде надвор од политиката, да нема  влијание, а ние зборуваме како политиката не дозволува да се чекори напред“, рече Ариф Муса, поранешен антиокрупционер.

Проверката на судиите, според најавите на министерката за правда, Рената Дескоска, ќе почне после изборите. Таа смета дека е подобро да има помалку судии, а да бидат професионални. Во Албанија ветингот почна на средината во 2016 и ќе трае до 2021 година. За пет години треба да се провери стручноста, имотната состојба и корупцијата на околу 800 судии и обвинители.

Игор Стефановски

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...