11 Октомври – денот на антифашистичкото востание во Македонија, денеска речиси го испразни Скопје. Очигледно е дека на скопјани добро им дојде продолжениот викенд за да „избегаат“ од бурното секојдневие на главниот град.

„Дека продолжен викенд се погоди. Среда или четврток да беше – работен ден. А на сите празници што се поврзани – си одат. Некој има викендичка, кој таму, кој ваму. Ние постарите – во другата соба.“

Некои од оние што останале дома, пак, не чувствуваат посебна празнична атмосфера.

„Не, ништо. Еве баш сега со другаров правиме муабет дека не гледаме ниту знамиња, нема ништо, како да е обичен ден.“

Овој човек смета дека празникот заслужува поголемо внимание.

„Ова е еден од позначајните празници, почнало востанието, сме создавале држава Македонија и така.“

Повозрасните соговорници знаеја за значењето на 11 Октомври, но помладите слушнале нешто околу првите пушки.

„11 Октомври, испукала првата пушка во Куманово и толку сме информирани. Историја помалку знаеме бидејќи не сме добро едуцирани со историјата, не истражуваме повеќе за историјата, ама има некои луѓе коишто сакаат да истражуваат за историја, се интересираат за историјата на Република Македонија.“

Ден на востанието, тогаш започнала борбата против фашистичкиот окупатор. Сега знаеме?

„Да, сега знаеме.“

Иако на 11 Октомври за скопјани поинтересни се други дестинации, празниот главен град остана примамлив за странските туристи. Дел од нив погрешно информирани за кој празник станува збор.

„Имаме пријатели во Македонија. Вечеравме со нив синоќа. Тие ни кажуваа за празникот – денот на независноста.“

Меѓу нашите соговорници имаше и такви кои не ги интересираат празници.

„Знам дека е 11 Октомври, а зошто го славиме не знам. Зошто да ме интересира? Не ме интересира веќе ништо, ниту празник, ниту ништо.“

На одбележувањето на 11 Октомври во Куманово, кој е меѓу првите востанички градови, присуствуваше владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, како и повеќе претставници на дипломатскиот кор.

Сите заедно успеавме. На прагот сме пред официјално членство во НАТО. Седнуваме рамо до рамо со нашите сојузници. Драги сограѓани вие кои сте современици на овие историски моменти за нашата земја и нашиот народ, вие сте носители на успехот – изјави Зоран Заев – Премиер.

На 11 Октомври пред 78 години во Македонија започнало антифашистичкото востание што го означило и почетокот на народноослободителната војна. Покрај во Куманово, свечености денеска имаше и во Прилеп и во други градови.

Алсат

Loading...

Shpërndaj me

Loading...