Старите долгови на општините од околу 120 милиони евра ќе се раздолжат со нов кредит што Владата ќе го земе во име на локалните самоуправи. Владата веќе почнала преговори со меѓународните и домашните кредитори. Пресудно за тоа каде ќе се задолжи државата е каматната стапка.

„Државата да добие кредит, да го пренесе на општините, да ги исплатат своите обврски кон добавувачите и тоа е околу 120 милиони евра, а самиот кредит ќе го враќаат општините на 15-20 години. Очекуваме 2 до 3 отсто каматна стапка кои во споредба со денешните 13% кои ги плаќаат општините како затезни камати кои се доспеани за долговите. Веруваме дека така ќе ги растовариме и ќе може да имаат унапредување во иднина“, изјави премиерот Заев.

Според првичните анализи, дури 95 отсто од долгот на општините е кон домашни претпријатија. Тоа значи дека околу 100 милиони евра ќе легнат на сметките на фирмите. За општините да не влегуваат во нови долгови откако ќе се раздолжат Владата планира и заштитен механизам. Заев за Алсат М вели дека приходите од ДДВ – то кои ги имаат општините ќе бидат гаранција.

Од Министерството за локална самоуправа пак, велат дека за градоначалниците да не трупаат нови долгови, можно е и активирање на внатрешни ревизии кои ќе го контролираат нивното работење. Но и со Законот за финансирање на локалните самоуправи се предвидува и преземање на улога на стабилизација, ако се увиди финансиска нестабилност на општините.

Од Владата велат дека дополнително стабилизирање на општините ќе се овозможи со тоа што дел од општините веќе ќе може сами да управуваат со државното градежно земјиште.

„Овој систем ја олеснува и забрзува целата постапка, од поднесување на барањето, па се до впишување на правото на сопственост во Катастарот“, рече Горан Сугарески – министер за транспорт и врски.

Досега 46 општини се стекнаа со право на управување со државното градежно земјиште. Добија надлежност и без да бараат согласност од Владата да ги решаваат постапките за легализирање на дивоградбите на државно земјиште, а со тоа да овозможат поголем прилив на пари од даноци на имот.

Во наредниот период се планира општините сами да управуваат со домовите на културата, сами да градат и ревитализираат образовни институции, здравствени домови за превентивна заштита, управување со шумите и земјоделското земјиште, а ќе треба и сами да градат и локални и регионални патишта.

Верица Павлоска

Shpërndaj me