Притворените напаѓачи на „комитата“ Никола Саздовски денеска за првпат од притвор беа спроведени на распит во Обвинителство. Двајцата го искористиле правото прво да се запознаат со сите докази, а потоа да дадат исказ. Денешниот термин за распит им бил закажан уште пред 21-годишното момче да почине. Асмир Алиспахиќ кој е адвокат на второсомничениот, вели дека денеска за првпат се гледа со својот штитеник.

„Денеска беше прочитана наредбата за спроведување на истрагата од страна на надлежниот јавен обвинител… Би апелирал да не се дава никаква етничка, политичка или верска конотација на овој немил настан и да оставиме истражните органи, поточното Јавното обвинителство да ја заврши истрагата“, изјави Асмир Алиспахиќ – адвокат на еден од осомничените .

Од Обвинителство пак, не сакаат да споделат детали за јавноста.

Јавно обвинителство на РМ
„Истрагата е во тек, се преземаат истражни дејствија, се прибираат и материјални докази. До моментот на донесување на јавнобвинителска одлука јавниот обвинител ќе презема дејствија во насока на утврдување на релевантните факти во предметот.“

Двајцата напаѓачи остануваат во притвор во „Шутка“, а по третиот полицијата сè уште трага. Тројцата се осомничени дека на 29. јуни брутално го претепале младиот Никола Саздовски на автобуска постојка во скопската населба Автокоманда. По десетдневна кома, момчето почина. Обдукцијата покажа дека пресудна била повредата на мозокот. Саздовски, кој вчера беше погребан, беше член на скопската навивачка група „Комити“. Навивачите го одложија денешниот протестен марш во чест на Саздовски и порачаа да не се злоупотребува загубата за каква било политичка игра.

Алсат М

Shpërndaj me