Антикорупциската комисија не може брзо да го разгледа целиот обемен случај „Рашковски“ – за набавка на радарска опрема. Три кутии со документи стигнале од Владата и Операторот на услугите за воздушна навигација М-Нав. Оваа комисија има два месеци законски рок да ги разгледа до одлуката која ќе биде објавена на јавна расправа. Членот за Антикорупциска, Нури Бајрами, вели дека станува збор за комплицирана постапка бидејќи имало и меѓународни елементи. Не прецизира кога би можело да заврши бидејќи според него, имале многу обемно досие.

„Тоа е многу комплицирана постапка затоа што тука имаме и меѓународен елемент, без разлика дали на финансирање или ко-финансирање на одредени проекти или објавување на јавни набавки со меѓународен елемент. Овие процедури се многу обемни. Добивме три пакети со документи кои се многу обемни и комисијата е недоволна во однос на времето, персоналот и професионалноста да разгледа некои одредени фази“, рече Бајрами.

За генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, во јавноста има сомневања дека местел тендерска нарачка од 7 милиони евра за радарска опрема во М-НАВ, што требало да ја добие италијанската компанија Леонардо. Случајот започна пред три месеци со објавување на аудио-снимка од разговори во неговата канцеларија, за кој Рашковски обвини дека го снимал поранешниот технички директор на М-Нав, Климе Чепуњовски. Рашковски не објасни што значат термините „15 проценти“ или реченицата: „Леонардо ќе победи“. За прегледување на сите овие детали, Бајрами вели дека тие ќе се ангажираат надворешни експерти.

„Нашиот закон овозможува да ангажираме експерти и дел од таа работа ќе бараме од други надлежни органи, како што е Државниот завод за ревизија. Работиме 24 часа, но во однос на кадровскиот потенцијал во секретаријатот, што е наша поддршка, ние сме до точка нула“, додава Бајрами.

По скандалот, ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против Рашковски, а побара и реакција од Обвинителството, односно негово приведување за целата истрага да се води без никакво влијание врз сведоците. Но, Јавното обвинителство не отвори истрага. Чека наод од Антикорупциска. Ако има елементи на кривично дело – велат ќе дејствуваат во согласност со законските одредби. Засега овој случај го истражува само Антикорупциската комисија.

Аднан Ќаили

Loading...

Shpërndaj me

Loading...