Синоќа, според листата на Ервижуал, интернет страница која го покажува квалитетот на воздухот во светски рамки, Скопје го држеше неславното прво место на најзагаден град. Утрово, со намалувањето на ПМ10 честичките, главниот град падна на осмата позиција. Загадувањето на воздухот, се чини, и годинава ќе биде сериозен проблем во државава.
Откако два дена последователно во главниот град аерозагадувањето високо ги надмина пропишаните вредности, синоќа и градските власти излегоа со стандардните и веќе видени препораки за заштита: повеќе лица да се возат во еден автомобил, да се користи јавниот превоз, да не се излегува на отворено и за греење во домовите да не се користи отпаден материјал. Последиците од загаденоста на амбиенталниот воздух чувствуваат и граѓаните, кои бараат итни и долгорочни мерки.

„Да се преземе нешто итно. Ако затопли времето уште полошо ќе биде. А, магла имало секогаш во Скопје, ама не смрдело вака како сега што смрди. Нешто има што се гори околу градот. Но, ние не знаеме обичните граѓани.“

“Мора да се направи Комисија која ќе работи исклучиво за таа материја. И да видиме на запад како се справуваат со аерозагадувањето.“

„Решение каде? Каде да го бараме? Градбата веќе се знае колку е на секој сантиметар зграда, немаме зеленило, колите се најголемо загадување, кој што сака нека каже.“

„За жал не е од сега. Последните 10 – 15 години трае веќе загадување, но сега со медиумите и со фејсбук дојде до бум за објава на некои информации.“

На неодамнешната дебата организирана од владејачката СДСМ, професорот Дејан Мираковски од Штипскиот универзитет сподели научни мерења и анализи за аерозагадувањето, кои со група колеги ги истражувале во студија за потребите на Град Скопје. Нивните податоци укажуваат дека доминтантниот товар на загадување во Град Скопје го држи согорувањето на биомаса за греење. Биле истражувани и два типа на локации. На местото кое било изложено на сообраќај и движење на автомобили, процесите на согорување биле 72 насто, додека на позадинска локација, е помало за три отсто. Мираковски смета дека државата не инвестира доволно во научни студии и истражувања.

Ни треба Фонд за наука кој ќе може да користи пари и да истражува одредени конкретни проблеми. Ни треба засилување на повеќе знаења и во секторот на високо образование да имаме повеќе специјалисти за заштита на животната средина, кои ќе може да утврдат и измерат нешто, да ги подобриме капацитетите на научните лаборатории да може да испитаат одредени видови отпад. Наместо забрани, повеќе знаење и поголема контрола би било малку поефикасно решение -изјави Дејан Мираковски – професор на УГД.

Анализите на податоците на ПМ 10 честички покажуваат дека посои пад на аерозагадувањето во Скопје изминатата година, односно дека граѓаните дишат почист, но не доволно чист воздух. Додека Министерството за животна средина се повикува на резултатите од мерните станици и преземените мерки, невладиниот сектор смета дека податоците немаат врска со владините политики, туку дека така се погодило времето.

Алсат

Loading...

Shpërndaj me

Loading...