На работодавачите од земјава кои не исплатиле регрес за годишен одмор на своите вработени им се заканува парична казна до четири илјади евра, или казна затвор. Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, предвидува регресот да биде исплатен најдоцна до последниот ден од годината.

Минималниот износ за исплата за 2018та се движеше од 9600 до 14100 денари или 40 отсто од просечната плата од последните три месеци, но под услов вработениот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач. Од Организацијата на работодавачи за Алсат велат дека бизнисмените од приватниот сектор во најголем дел го исплатиле регресот.

Најголемиот дел од фирмите го исплатија К-15 за годинава. Оние работодавачи кои ги бараат парите назад, прават кривично дело казниво со затвор“, рече Ангел Димитров Организација на работодавачи.

Се обидовме да анкетираме дел од граѓаните, но кога ќе ја слушнеа темата и прашањето, или не сакаа да разговараат или велеа дека ако зборуваат на оваа тема, ќе бидат избркани од работа.

Од Сојузот на синдикати пак, велат дека и по многуте примери кои се раскажуваат во јавноста, како работниците ги вадат парите од сметка и ги враќаат кај газдата, досега, кај нив не се пожалил, ниту регирал, ниту еден член на ССМ. Тие ги охрабруваат работниците да го пријавуваат секое кршење на нивните права.

Сојуз на синдикати на Македонија:

На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд , или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права. Службите за бесплатна правна помош на ССМ во Скопје и во регионалните синдикални претставништва низ Републиката за своето членство обезбедуваат правна помош и заштита и за ова право од работен однос.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека во последните две – три години регистрирале голем број случаи во кои работодавачите им исплатиле на вработените многу низок износ на регрес за годишен одмор, односно од 500 до 1000 денари. Злоупотреби имало и кај голем број работнички кои користеле породилно отсуство и не им било исплатено К-15, иако тоа им е законски загарантирано. Последниве неколку години од ССМ се обидуваат да издејствуваат нов закон за работни односи и оваа бенефиција да ја добиваат и вработените од јавниот сектор, но засега тоа е неуспешно.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me