Сивата економија краде дури половина од колачот на компаниите кои работат според законските обврски, се жалат бизнисмените. Работењето на црно не е застапено само кај занаетчиите или помалите бизниси кои едвај егзистираат. Таргетот сега е и кај оние кои водат милионски бизниси и ги оштетуваат сите оние кои легално работат, тврдат стопанствениците. Наметнатата даночна реформа, зголемената минимална плата и останатите давачки кои се воведоа за бизнис-секторот, дополнително им создаваат проблеми во битката со конкурентноста со оние кои водат сива економија.

„Навистина е штетно не само за компаниите кои се обидуваат да опстојат на пазарот и да бидат конкурентни, а не можат затоа што овие кои не плаќаат даноци се 50 отсто поконкурентни во старт. Меѓутоа и сите граѓани кои работат кај овие нерегистрирани субјекти не добиваат, ниту пензиско, ниту здравствено и социјално осигурување“, рече Данела Арсовска претседателка на ССК.

Од владата велат дека постојано работат на сузбивање на сивата економија, но побараа и соработка од бизнис заедницата да ги пријавуваат фирмите за кои се сомневаат дека ги кршат законите.

„Проверивме во Централниот регистар дека нема појава на дерегистрација на фирмите и ако има таква работа значи работат на црно, значи се дерегистрираат“, рече Заран Шапуриќ, министер без ресор.

Пресметките пак, на УЈП велат дека сивата економија се движи околу 35 отсто во земјава. Но, очекуваат дека со воведувањето на повратот на ДДВ за граѓаните, сите потрошувачи ќе може да имаат улога на инспектор. Трговецот кој нема да издаде фискална сметка освен што нема да овозможи поврат на ДДВ ризикува и да биде пријавен од незадоволниот купувачот.

„Па, се надевам дека стагнира. Штета би било на сите оние преземени мерки и реформи кои сакаме да ги спроведеме да видиме дека расте сивата економија. Наша стратешка цел и обврска е да ја намалиме“, рече Сања Лукаревска, директорка на УЈП.

Надлежните велат дека сивата економија е длабоко распространета во ИТ секторот. Недоволниот број на инспектори на терен дополнително ја комплицира состојбата. Дополнително, дел од истражувањата на финансиските институции покажуваат дека дури 20 отсто од граѓаните во работен однос земаат плата во плик.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...