Нов скандал со автопатот Охрид – Кичево, денеска обелодени првиот човек на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов. Автопатот бил проектиран да се гради врз резервоарот за вода на Кичево, што дополнително ги усложнило работите за промена на трасата.

„Нацртан е патот врз него и надзорот со свои сили и со препроектирање го препроектира патот за да може да функционира сето тоа и да биде резервоарот таму каде што треба да биде и патот. Но, да поместите една траса 100 метри тоа повлекува напред и назад повлекување на траса и сето тоа чини“, рече Китанов.

Китанов изрази надеж дека автопатот комплетно ќе биде завршен до крајниот рок 2021 година, но кажа оти  постепено, како ќе бидат готови делови од патот така истите ќе бидат пуштани во употреба.

„Нашата интенција е од Охрид до тунелите парцијално да се пуштаат како што ќе бидат готови делови од патот. Но, тоа нема да биде километар или два туку 5,10 или 15 километри и со тоа да се оспособи и растовари сообраќајот“, додава Китанов.

Денеска беше направен увид во работите на еден од тунелите за кој беше кажано дека бил предвиден да се работи во карпа, без претходно направени геолошки испитувања и за што биле потребни повеќе пари. Заменик премиерот Кочо Анѓушев рече дека за сите дополнителни работи кои ќе треба да се прават била намалена висината на цената помеѓу кинескиот изведувач и македонските компании.

„Претходно таа разлика во цени беше голема над 50%, сега таа разлика во цени ќе биде сведена согласно меѓународните пропозиции на 10%. Мислам дека со сите заштеди на тунелот и на дополнителни работи ќе направиме значителна заштеда од првичните средства кои беа побарани, до тоа кое конечно ќе биде вредност на овој автопат од 70 до 100 милиони евра заштеда“, рече Кочо Анѓушев-Заменик премиер.

Анѓушев рече дека последниот анекс од договорот деновиве ќе помине во парламентот по што работите интензивно ќе продолжат. Најавите се дека најпрво ќе биде пуштен делот од Охрид до селото Врбјани во должина од 30 километри, по што и делницата до Кичево.

Мики Трајановски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...