Министерството за финансии го кочи носењето на уредбата со која ќе им се плаќа за складирање на нафтените деривати на приватните нафтени компании. Иако вицепремиерот Кочо Анѓушев уште во октомври лани доставил заклучок до Владата да се задолжи Министерството за финансии да ја донесе оваа уредба, Финансии веќе пет месеци анализира.

Од Министерството велат дека уредбата се уште е во фаза на подготовка. Кога конечно ќе биде изготвена немаат одговор. Нафтените компании бараат од државата да почне да им плаќа за чувањето на државните нафтени резерви за кои со години не добиле денар за складирање.

„Како претседател на комисијата за економски систем во Владата неколку пати предложив до Владата заклучок со кој што оваа уредба треба да се донесе и во октомври и во ноември месец, со што беше задолжено Министерството за финансии оваа уредба да се донесе“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Според Анѓушев, тој заедно со Тевдовски и Заев пред десетина дена имале средба со нафтените компании кои ги чуваат државните резерви и им биле предложени цени и вредности за складирање. Вели дека се блиску до решение. Во однос на проблемот со недостатокот на нафтени резерви кој настана бидејќи нафтените компании одбиваат да ги чуваат без пари, вицепремиерот тврди дека состојбата не е алармантна.

„Така да нема никаква грижа, ние апсолутно имаме со збир на она што го имаме како течност во резервоарите како нафтени деривати и она што го имаме како средства на сметката на Дирекцијата ние апсолутно сме најдобри во регионот“, додава Анѓушев.

Според проценките на нафтените компании, трошокот за складирање на нафтените резерви е од 3 до 4 милиони евра годишно. Тие неколку години немаат добиено ни денар од државата за складирање. Граѓаните со секој купен литар гориво и плаќаат на државата од 30 до 89 дени за нафтените резерви.

По оваа основа државата годишно собира околу осум милиони евра. Проблемот со нафтените резерви е една од забелешките во извештајот на Европската енергетска заедница за имплементацијата на Законот за енергетика.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...