Се крчка ребалансот на буџетот. Дел од министерствата веќе почнаа со пресметки колку пари да побараат од Тевдовски со најавеното прекројување на државната каса. Иако сè уште не кажуваат кога точно ќе биде подготвен ребалансот, министерот за земјоделство Љупчо Николовски најави дека ќе бара повеќе пари за субвенции и за реализација на капиталните инвестиции во аграрот. Поголеми плати со ребалансот чека и шумската полиција.

„….Очекувам засилена динамика на реализација на капиталните инвестиции во вториот дел од годината, но исто така и потребните средства коишто ќе бидат за директна поддршка за субвенции секако дека по финалната пресметка по ребалансот ќе бараме да ни бидат обезбедени“, рече министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Премиерот Заев уште пред два месеци најави ребаланс на буџетот на средината на годината, што значи дека до крајот на месецов се очекува да има прекројување на државната каса. Причина за ребаланс секако е и катастрофалната реализација на капиталните инвестиции. За четири месеци потрошени се само 11 отсто од предвидените скоро 400 милиони евра за капитални проекти, што е најслаба реализација во последните десет години.

Александра Спасевска

Shpërndaj me