СДСМ даде зелено светло за предлогот на претседателот Ѓорѓе Иванов, Анита Бежоска да биде гувернер на Народната банка. Владеачката
партија, заедно со коалицијата позитивно гледаат на оваа идеја. Во писменото соопштение, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев истакна дека лично смета дека Бежовска е докажан експерт и професионалец во својата област и ја заслужува нивната поддршка.

„Јас воопшто не се сомневам дека генералниот став на нашата пратеничка група во врска со овој предлог ќе остане непроменет – дека ќе биде позитивен и дека само ќе биде потврден на претстојната координативна средба на пратеничката група“, изјави Томислав Тунтев – СДСМ

Од коалицискиот партнер во власта – ДУИ, денеска добивме само краток одговор по СМС порака дека се уште го разгледуваат предлогот. По ставот на СДСМ кој го обелодени Тунтев, се отвори прашањето дали парламентарното мнозинство и владината коалиција се уште е стабилна. До денеска од ДУИ, но и СДСМ, пред се неофицијално, велеа дека имаат усогласен став и дека нивен фаворит е Фатмр Бесими. Интегративците имаат само уште неколку дена да донесат конечен став, бидејќи најверојатно во понеделник во Собранието ќе се бира новиот гувернер. Официјален став по ова прашање нема изградено ниту опозициската ВМРО – ДПМНЕ.

„Предлогот ќе помине кај партиските органи, ќе го разгледаме, па ќе дојде во Собранието и од таму ќе се изјасниме. Се уште е рано. Засега нема генерален став“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Инаку Анита Ангеловска Бежоска која во моментов е вицегувернерка, е новиот прелог на претседателот Иванов по повлекувањето на Димитар Богов од трката за прв човек на Народната Банка. Богов на чело на оваа финасиска институција останува уште 4 дена. На 21 месецов пратениците би требало да гласаат за предлогот на Иванов и доколку Бежовска добие 61 глас ќе биде првата жена гувернерка во земјава наспроти нејзините четворица претходници кои беа мажи. Мандатот на гувернерот трае седум години.

Иле Петревски

Shpërndaj me