Бруто-домашниот производ во третиот квартал годинава порасна за 3 проценти, објави Државниот завод за статистика. Иако продолжува надолниот тренд кај градежништвото и кај бруто-инвестициите, од владата остануваат оптимисти. Вицепремиерот Кочо Анѓушев тврди дека до крајот на годината ќе се остварат владините проекции за раст на економија од 2,8% зашто проектите во градежништвото почнале да се реализираат подоцна.

„Овој БДП е генериран од реалната економија, не е генериран од виртуелни проекти, од проекти коишто што државата ги правела со задолжување“, рече вицепремиерот Анѓушев.

Сепак, бизнисмените велат дека за поголем раст мора да има поголеми придвижувања во градежништвото.

„Ако имавме кумулативно раст во првите два квартали од 1,6 проценти, сега со овој раст може да очекуваме дека оние предвидени проекции коишто се согласно направениот ребаланс на буџетот, можеби би можеле да се остварат“, рече Билјана Пеева-Ѓуриќ, Стопанска комора на Македонија.

Од Светската банка пак, од каде за годинава ни предвидуваат раст од скромни 2,5 отсто, што е помалку од владините проекции, велат дека за разлика од лани кога економијата беше во стагнација, може да се види позитивен тренд. Но, сепак сметаат дека земјава е далеку од европскиот просек.

„Инвестиициите се враќаат во земјата и тоа се добри вести, потребна е поддршка. За Македонија е клучно да го забрза растот со цел да го покрие јазот кој што се јавува со Европа“, истакна Марко Мантованели, Светска банка.

Според податоците на Заводот за статистика, во третиот квартал градежништвото бележи пад од 2,6 проценти, бруто инвестициите се намалени за 8,5 проценти, земјоделството бележи пад од 4,8 проценти. Растот во третите три месеци годинава го влечат трговијата, индустријата, спортските обложувалници, игротеки, казина и други рекреативни и забавни дејности. Инаку, за потсетување, во првиот квартал БДП порасна за 0,1, а во вториот за 3,2 насто.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me