Македонија доби покана за членство во НАТО – 29-те земји членки на Алијанса решија да почнат пристапни преговори со земјава. За комплетирање на полноправното членство Македонија ќе мора да ги финализира обврските преземени со Договорот од Преспа.

„Вратите на НАТО се и ќе останат отворени. Го поздравивме договорот меѓу Атина и Скопје. Денеска се согласивме да ја поканиме Владата во Скопје да ги започне пристапните преговори за членство. Со завршувањето на сите внатрешни постапки за финализирање на договорот за името, земјата ќе се приклучи на НАТО како 30-та членка”, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО .

Столтенберг изјави дека ваква шанса доаѓа еднаш во животот, а Македонија е таа што треба да реши дали ќе го спроведе Договорот за името или не.

„Граѓаните треба да решат. Или да го спроведете договорот и да влезете во НАТО или нема да влезете. Ваше е да го направите изборот, но не може да ги имате и двете. Вратите на НАТО се отворени. Вие треба да го направите изборот“, рече Столтенберг.

Пристапните разговори меѓу Македонија и НАТО треба да завршат најдоцна за половина година.

По завршувањето на претпристапните преговори и по целосното финализирање на Договорот со Грција, што подразбира и одржување на референдум на есен, а потоа уставни промени, ќе започне и ратификувањето на пристапниот протокол во земјите членки на НАТО. Целиот процес, тргнувајќи од добивањето датум па се до полноправното членство не се очекува да потрае повеќе од 18 месеци. Македонија е кандидат за членство во НАТО веќе 19 години, а во 2008 година на Самитот во Букурешт беше многу блиску до добивање покана – што не се оствари поради нерешеното прашање за името.

Арта Тахири

Shpërndaj me