Субвенцијата која може да се добие од државата за проектот Купи куќа – купи стан може да достигне до речиси 21 илјада евра. Рокот за аплицирање е до крајот на годинава, се планира да продолжи и догодина, банките кои се дел од овој проект и градежните компании кои нудат објекти се дел од саемот на проектот Купи куќа купи стан кој викендов е сместен во трговскиот центар „Сити мол“.

„Во буџетот за следната година бидејќи проектот продолжува, се предвидени два милиони евра и јас би рекла дека проектот е успешен и не може да се споредува само вкупниот број на продадени станови бидејќи се работи за оние на кои им е најпотребно“, рече Нина Ангеловска, министерка за финансии.

Целта на проектот е не само младите, туку и повозрасните граѓани да го остварат својот животен сон и на еден полесен начин да дојдат до сопствен дом, вели за Алсат Нина Неданоска од Охридска Банка. Од почетокот на овој проект Охридска Банка исплатила 220 кредити во вкупна вредност од осум милиони евра.

„Се надеваме дека придонесовме за среќата на граѓаните и остануваме соработник во овој проект. Податоците со новите изменети услови за 2019 година се дека имаме исплатено 15 кредити, а во обработка се уште толку за до крајот на годината“, вели Нина Неданоска, претседател на Управен одбор на Охридска банка.

Инаку, годинава каматната стапка за субвенционирана рата од страна на државата, изнесува 2,9 отсто, додека за четвртата и петата година стапката  3,9 отсто. Дополнително, за понудата наменета за млади лица до 35 години во првите пет години државата ќе покрива 70 отсто од месечната рата. За секое новородено или посвоено дете во текот на првите десет години од користењето на кредитот, корисникот добива дополнителна субвенција од 30% на ратата во текот на една година.

Главните услови за аплицирање на проектот „Купи куќа – купи стан“ се брачниот пар да не надминува 1.300 евра вкупен месечен приход по сите основи или за поединец 900 евра. Станот мора да биде нова градба, а цената на квадратот да не биде повисока од 900 евра. Висината на овој станбен кредит е лимитирана на 50 илјади евра. Проектот „Купи куќа- купи стан“ почна во времето на министерот Зоран Ставрески.

Иле Петревски

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...