Државата подготвува нови повисоки цени за концесионерите од рударскиот сектор. Новиот ценовник треба да важи за рудниците во кои се вадат маталични, но и за неметалични суровини. Првиот состанок се одржа денеска во Министерството за економија. Министерот Крешник Бектеши на газдите на рудниците им предложил да плаќаат 3,5% од годишните приходи, но концесионерите не се сложија и сметаат дека таа стапка е висока.

„Првичниот предлог е 3,5% што е многу и ние мислиме дека ќе се усогласиме и веќе дискутиравме на состанокот добро да се распореди за тоа кој рудник какво минерално добро експлоатира. Не е добро во ист кош да бидат ставени богати рудници и сиромашни рудници, тоа ни е акцентот“, рече Николајчо Николов претседател на Македонската асоцијација за рударство.

Засега на годишно ниво рудникот Бучим има приходи од околу 70 милиони евра од кои чиста заработка се 20 милиони, а за концесија на државата моментално плаќа 1,5 милиони евра. Министерот Бектеши е убеден дека ќе се најде решение во полза и на фирмите и на државата. Според податоците на министерот, во последните три години, сите концесионери заедно плаќаат околу 10 милиони евра годишно, што според Бектеши, не е доволно.

Најголем бенефит од зголемените цени се очекува да имаат општините кои користат речиси 80 отсто од парите за концесија.

„Овие концесионери користат општо добро коешто е на сите граѓани на Република Македонија и ние мислиме дека тоа треба да се зголеми. Ако ги имаме истите надоместоци од претходните години, буџетот на општините и на државната каса би се зголемиле од шест до осум милиони евра“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.

Бектеши најави дека ќе достави предлог овие дополнителни пари да бидат искористени за проекти поврзани за намалување на загадувањето, во здравството или во образованието. Новите цени за концесиите е планирано да важат од 2020 година.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...