Родители на убиените кај Смилковското езеро бараат да се обелоденат државните тајни во случајот Монструм. Станува збор за имиња на пет лица, кои според нив се функционери на ДУИ. Горан Наќевски, таткото на убиениот Александар, денеска во судот рече дека во еден од транскриптите што ги прочитал има разговор меѓу потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири.

На една од средбите што ги имавме со Зоран Заев ни кажа дека петте телефонски броеви се на пет функционери на ДУИ, меѓу кои ни покажа и транскрипција меѓу потпретседателот на ДУИ Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири. Тој не ни ги даде транскриптите бидејќи рече тоа е кривично дело. Поради оваа причина, од судот бараме да издаде налог за претрес во седиштето на СДСМ и да ги земе тие документи. Бараме исто така Заев да се донесе во судот и да се соочи со сите родители за да разберете дека ја зборуваме вистината“, изјави Горан Наќевски, родител на жртвата, Александар Наќевски

Наќевски ги отфрли тврдењата дека возилото опел омега, било на МВР. Според него, ако тоа се потврди, постапката треба да запре и обвинетите да бидат прогласени за целосно невини. Мајката на Александар Наќевски, пред судското тело го коментираше телефонскиот разговор помеѓу Бејта и Азири, каде како што рече, обвинетиот му раскажал сон на потпретседателот на ДУИ. Таа побара да им се врати и мобилниот телефон на Александар. Од друга страна и другите членови на семејствата, исто така, бараат да бидат откриени тајните, со цел вистината да се обелодени. Бедри Ајдари, бара да се објави разговорот помеѓу Невзат Бејта и Фејзи Азири. Ајдари признава дека неговиот брат бил близок со ДУИ.

Ги разбирам родителите кои се фрустрирани, но не се толерираат навреди и коментари од приватни лица. Ако добијам шанса да коментирам за тоа како не им беше срам да земат пари од државата и за што, за нивните деца и зошто Горан Наќевски да не каже на кој агент бил телефонот и каква слика имал тој човек. Не знам дали Заев има или нема транскрипти за тоа што се зборувало. Би сакал да се објави тоа независно дека е обезбедено под посебни мерки, слободно нека го објават тој разговор“, рече Бедри Ајдари, роднина на обвинетите

Денешното рочиште каде беа предвидени воведни зборови беше откажано поради отсуството на Фејзи Азири, кој не можел да дојде поради здравствени причини. Сепак, документот презентиран од одбраната не беше релевантен за Специјалното обвинителство. Обвинителката Фатиме Фетаи, истакнувајќи дека СЈО е подготвена за целосно решавање на случајот, потсети дека ваквите отсуства се недозволиви.

Не се негира фактот за големиот интерес на јавноста за правното потврдување на вистината која може да се постигне со нова и правична постапка. Во овој поглед можам да кажам дека верувам оти СЈО ќе ги искористи сите човечки, технички и материјални ресурси за да се стигне до вистината и таа да се потврди“, истакна Фатиме Фетаи, СЈО

Адвокатите на страните едногласно бараат да се разјасни вистината и да нема дилеми.

„Мило ми е што СЈО сака брзо да го разјасни овој случај и мислам дека наскоро ќе се најдат вистинските сторители на кривичното дело”, рече Насер Рауфи, адвокат на обвинетите

Следните рочишта се закажани за 15 и 25 мај, а третото за 12 јуни. И на ова рочиште отсуствуваа Алил Демири и Африм Исмајловиќ кои им се недостапни на истражните органи. За петкратното убиство кај Смилковското езеро во 2012 година на доживотен затвор беа осудени шест лица: Халил Демири, Хаки Азири, Фејзи Азири, Сами Љута, Африм и Агим Исмаиловиќ. Од обвинението беше ослободен Рами Сејдии. На 24 ноември 2017 година Врховниот суд одлучи да го врати предметот на повторно судење.

Адријан Керими

Shpërndaj me