Сојузот на синдикати не се согласува со кратењето на платите што вчера го најави лидерот на СДСМ Зоран Заев. ССМ нема да прифатат ништо што ќе ги загрози и прекрши работничките права и спротивно на Законот за работни односи и колективните договори.

„Бидејќи Законот и колективните договори не обврзуваат сите три страни – социјални партнери, синдикати, работодавачи и влада. Се што е надвор од тоа за нас како синдикати на Македонија не може да биде прифатливо“, вели Дарко Димовски Претседател на ССМ.

И Самостојниот синдикат за образование, наука и култура е против намалување на платите на вработените во јавната администрација. Бараат Владата да го одбие предлогот од Заев, даден како лидер на владејачка партија, бидејќи ќе удрела врз најслабо платените работници.

„Особено реакциите се жестоки од страна на просветните работници, кои, во интерес на учениците, индиректно и на државата, вложуваат над човечки напори преку алтернативни форми и методи, во домашни услови, да ја реализираат планираната програма“, велат од СОНК.

Организацијата на работодавачи смета дека нападите врз бизнисмените на социјалните мрежи се неосновани. Работодавачите ги охрабруваат вработените да издржат сега кога е најтешко и да ги почитуваат мерките на владата.

„Не нарекуваат олигарски, богаташи и најчесто „газди“ со толку голема омраза и дури се ситат на проблемите на компаниите и би биле среќни сите да се затворат. Веројатно овие луѓе никогаш не влегле во фабрика и мислат дека буџетот се полни од министртите и од партијата на власт“, велат од Организацијата на работодавачи.

Опозицискиот лидер пак Христијан Мицкоски смета дека со намалување  на платите во администрацијата, кризата дополнително ќе се продлабочи.

„Заев со овој план се обидува неспособноста на владата да ја плати со трудот на работниците на кои ќе им крати драстично плата. Одеднаш недостижните 500 евра просек плата се сведоа на 230. И кога би било во други околности, ова би се нарекувало грабеж“, рече Христијан Мицкоски претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Со реакција излегоа и од Алтернатива за Албанците. Сметаат дека минималната плата за вработените од јавниот сектор не може да ги покрие најнеопходните месечни потреби и бараат овие плати да останат исти. Вчера од партиската говорница претседателот на СДСМ Зоран Заев, на владата освен минималец за целата администрација, предложи исплата на минимална плата за април и за мај и за оние работници кои останаа дома бидејќи фирмите не им работат поради кризата.

Минималецот во администрацијата нема да важи за лекари и помошен медицински персонал, полицајци и војници и тие што работат со нив на справување на кризата со корона вирусот.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...