Барањата на Бугарија се спротивни на ветеното од Софија дека нема да ја блокира одлуката за давање на датум за преговори на Македонија со Европската Унија. Ова е ставот на Институтот за европска политика. Неговиот директор Малинка Ристова смета дека наведеното во Декларацијата усвоена вчера во Парламентот во Софија, го комплицира европскиот пат на државата.

Бидејќи поставуват услови за веќе следниот чекор, на прва меѓувладина конференција, втора меѓувладина конференција и за преговарачката рамка, којашто е клучен докумен на ЕУ за преговорите за земјата, важи за целиот период на преговорите, со самото тоа значително ја комплицира ситуацијата. Бидејќи ова се документи кои ЕУ треба да ги донесе, Бугарија треба да преговара со земјите-членки за нив и тешко дека ќе опстојат сите нејзини барања. Меѓутоа овие барања се максималистички во некои елементи дури и апсурдни особено и оние што го дотакнуваат Преспанскиот договор, коишто се спротивни на Преспанскиот договор, а добро знаеме дека зад Преспанскиот договор застана целата меѓународна заедница – изјави Малинка Јорданова, Институт за европска политика.

На својот фб профил реаграше и поранешниот премер Љубчо Георгиевски. Тој напиша:

„Најновиот ултиматум од Бугарската влада го доживувам како суспендирање на Декларацијата за пријателство од 1999 година и Договорот за добрососедство од 2017 година“.

Со реакција излегоа и дел од бугарските интелектуалци. Во своја декларација тие констатира дека тонот на таканаречената Рамковна позиција на бугарските власти е недозволив бидејќи го загрозуваат добрососедството. Според нив, најзагрижувачко е негирањето и потценувањето на македонската култура и политичкиот и културниот идентитет.

Став на интелектуалци во Бугарија:

„Во неа се содржани голем број вознемирувачки и проблематични барања. Од научна перспектива, контроверзно е разбирањето на ‘нашата заедничка историја до 1944 година’ бидејќи во неколку наврати се смета за историја на само еден народ – бугарскиот народ.“

За најновите барања на Бугарија, министерот за надворешни работи Никола Димитров, вчера рече дека основата на целиот процес треба да биде заемното разбирање.

За нас многу е важен нашиот македонски идентитет, македонскиот народ, македонскиот јазик, тоа разбирање, а заедничката историја мора да оди заедно со денешнината. Јас не мислам дека ова може да биде доведено во прашање или да биде услов за нашиот пат кон Европа. Не смее да биде, не во 2019 година и не во ЕУ. Ние имаме право на самоопределување и мислам дека визијата на Софија ќе се поклопи со нашата визија со заедничко разбирање за грижата на другиот – изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи.

А меѓу најновите барања на Бугарија се – Македонија да се откаже од користење на терминот „македонски јазик“, а ЕУ да ја користи формулацијата „службен јазик на Република Северна Македонија“ и дека доколку е неопходно пишувањето „македонски јазик“ тоа да биде пропратено со ѕвездичка и појаснување „според Уставот на Република Северна Македонија“, да се бришат паметници и делови во учебници каде стои фразата „бугарски фашистички окупатор“, да нема обиди за признавање на македонско малцинство, а во медиумите да нема говор на омраза против граѓани со бугарска самосвест.

Весна Велкова

Loading...

Shpërndaj me

Loading...