Пролонгиран е меѓународниот тендер за избор на најдобра технологија за чистење на малата депонија со опасниот линдан во кругот на фабриката ОХИС во Скопје. Од Министерството за животна средина информираа дека тендерот што на 15-ти минатиот месец го распиша Организацијата за индустриски развој при Обединетите нации (УНИДО) требаше да биде затворен за три дена, но наместо тоа ќе трае до 16 декември.

Министерство за животна средина:

„По барање на потенцијалните понудувачи УНИДО го продолжи рокот за доставување на понуди до 16 декември со оглед на тоа дека во рамките на првобитно назначениот период од 25 дена потенцијалните понудувачи не беа во можност да одговорат на барањата од проектната задача…“

Жители од населените места во близина на ОХИС бараат депонијата со опасната материја линдан да биде исчистена што е можно побрзо. Стравуваат поради загрозеното здравје и последиците по животната средина.

„Како не стравуваме. Страшно е за децата прво. Еве бегаат за да не го чувствуваат мирисот.“

„Таа депонија јас мислам дека треба да се исчисти уште од време, не е од сега тоа. Ние 30 години сме тука, има и постари луѓе што живеат…“

„Се сомневам. Јас сум 35 години овде, не е чепнато. ОХИС е затворена 20 години и ништо.“

Од Министерството за екологија информираат дека по пристигнувањето на понудите, ќе биде формирана комисија составена од меѓународни и домашни експерти, која ќе ја избере најдобрата понуда. Потоа треба да започнат работите на терен. Проектот е финансиран од Глобалниот еколошки фонд. Со дел од парите ќе учествува и Владата. По индициите дека остатоци од линданот се депонирале и надвор од кругот на ОХИС, кај излетничкото место Пеленица над населбата Драчево, околу локацијата беше поставена ограда, а Министерството за образование ги забрани екскурзиите кај него. Но, државата засега нема ниту пари, ниту план кога би го испитала теренот, а далеку е и од потенцијално чистење и на оваа локација.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...