Државните институции на централно но и оние на локално ниво исполниле само половина од потребните  критериуми во процесот на јавни набавки, покажува истражувањето на дел од невладиниот сектор. Се оценувале 31 критериум за транспарентност или за објавување на тоа што имаат намера да го набават.  Mерена е отчетноста, односно потребата самите институции да објават нешто што сметаат дека граѓаните треба да го знаат а бил следен и интегритетот на службениците кои работат јавни набавки.

„Го следиме циклусот на јавните набавки, од појавувањето потреба нешто да се набави, спроведување на постапката па до реализација на договорот. За жал најслаби се во првата фаза – планирањето, и последната следењето на реализацијата на договорите“, рече Герман Филков, Центар за граѓански комуникации.

Најслаби резултати од општините има Шуто Оризари, додека на врвот според транспарентноста е Велес. Истражувањето покажало дека кај две општини е забележано високо ниво на учество на една фирма во вкупните набавки. Што се однесува до Скопскиот регион поништени биле речиси 200 постапки, а 33 договори за јавни набавки биле без објава на оглас. Вредноста на тие набавки достигнала околу 1,5 милиони евра.

„Загрижувачки е фактот што поголемиот број на општини во Скопскиот плански регион немаат воспоставено систем за следење на реализацијата на склучени договори. Кај десет општини беше утврдено високо ниво на присуство на дискриминаторски елементи во тендерските документации кои можат да ја ограничат конкуренцијата“, рече Марија Георгиевска, претседател на здружение на економски новинари.

Инаку овие податоци се за 2017-та година кога во земјава се одржаа и локални избори. Новиот закон за јавни набавки на сила треба да стапи од први следниот месец. Земјава имаше обврска новиот закон за јавни набавки да го приспособи со стандардите на Европската Унија, а тоа значи рационално трошење на државните пари, слободна и фер конкуренција и транспарентност при јавните набавки.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me