Граѓаните коишто се приклучени на парно греење нема да имаат повисоки сметки откако исклучените беа ослободени од плаќање на паушалот. Според Регулаторната комисија за енергетика, Владата ќе треба да најде начин како да се покрие загубата кај дистрибутерите на парно греење. Регулаторите ги повикаа Владата, Градот Скопје и операторите за дистрибуција со топлинска енергија да најдат и начин сите оние кои користат парно да вградат калориметри, со можност да ги плаќаат на рати.

„Регулаторната комисија за енергетика останува на ставот кај приклучените потрошувачи да започнат да се поставуваат соодветни мерни уреди односно калориметри…“, рече Марко Бислимовски, претседател на регулаторна комисија за енергетика.

Од Владата велат дека не секаде е технички можно да се инсталираат калориметри, но велат во интерес на граѓаните е да се постават бидејќи така ќе знаат колку потрошиле и за тоа ќе платат.

„Ние немаме во моментот механизам со којшто сакаме да ги принудиме граѓаните, ниту тоа ќе го направиме. Но, мислам дека сите мерки коишто ги преземаме и ние и Регулаторна секаде каде што има техничка можност и граѓаните сфатат дека е во нивна корист да го применат“, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Според новиот Закон за енергетика, инсталирањето калориметри е задолжително само за секој нов објект за кој е започната постапка за одобрение за градење по влегувањето во сила на овој закон.

Од Комисијата информираа и дека од 1 август граѓаните ќе добиваат многу поедноставни сметки за парно оти ќе се исклучи ставката за ангажирана топлинска моќност.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...