Шпанија ја започна парламентарната процедура за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, што се очекува да биде завршена во март. Вчера, Комитетот за надворешни работи ја прифати иницијативата на Шпанскиот Конгрес за покренување на брза постапка за ратификација, по што треба  да помине на пленарна седница на Конгрес. Истата постапка треба да биде завршена и во Сенатот, за да се донесе указот и од страна на Кралот.

Тогаш  Македонија и официјално ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО. Во меѓувреме, претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот на законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, кој вчера помина на парламентарна процедура со едногласна поддршка.

Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска е оптимист дека пред да биде распуштено, Собранието ќе го одобри и новиот закон за одбрана, иако претходно изјави дека законот за одбрана ќе биде донесен заедно со Северноатлантскиот договор. Таа посочува дека откако ВМРО-ДПМНЕ го гласаше Законот за воена служба, нема причина да не го поддржи Законот за одбрана.

Законот за одбрана го вклучува и Петтиот протокол, односно преминувањето од индивидуална во колективна одбрана или толкувањето на нападот врз земја-членка како напад врз цело НАТО. Сепак, генералниот секретар Столтенберг рече дека без разлика дали ќе се донесе законот или не, со полноправно членство, Петтиот протокол станува обврска за Скопје. Инаку, Северноатлантскиот договор беше ратификуван предвреме, со 114 гласови „За“, за да не се загрози членството на земјава доколку Шпанија го ратификува Протоколот додека Собранието е распуштено за изборите во април.

Анеса Салиху

Loading...

Shpërndaj me

Loading...