Од следната недела, Македонија ќе влезе во сериозен процес на преговори за името. Досега преговорите биле во насока на приближување на позициите, информираат извори од Владата. Во согласност со ова, на 15 и 16 февруари може да се очекува уште една средба меѓу двајцата министри за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Софија, во рамки на неформалните средби меѓу министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и земјите аспиранти.

Од Министерството за надворешни работи не ја потврдуваат средбата, но велат дека се во координација со грчкото министерство за надворешни работи. Досега, средбите за приближување на позициите се без медијаторот Метју Нимиц, но средби околу преговорите, ќе бидат исклучиво со него.

Од седумте предлози на посредникот на ОН, по изјавата на премиерот Зоран Заев за име со географска одредница, во игра остануваат предлозите:

ГОРНА МАКЕДОНИЈА

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

ВАРДАРСКА МАКЕДОНИЈА

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (СКОПЈЕ)

Предлозите на Нимиц не се далеку од она што ние би прифатиле“, велат владините извори. Сепак, не се наведува дали ќе се прифати барањето на Атина за споено или име кое не се преведува.

Идеално, според владини извори, би било до март да се постигне договор меѓу двете страни со цел процесот да заврши пред Самитот на НАТО во јули. Ако не се најде заеднички јазик во рамките на овој краток период, преговорите ќе продолжат и во април и мај, кои во случај на неуспех, може да значи дека земјата ќе ја изгуби можноста да стане дел од Алијансата.

Во овој случај, не се исклучува можноста во разговорите да се приклучи и дипломатски олеснувач од Вашингтон, Брисел или Берлин.

Барањето на Грција за име ерга омнес, според македонската страна не значи промена на името за внатрешна употреба.

Владата продолжува да ветува дека нема да се промени Уставот, нема да се промени националноста, ниту јазикот.

Тие бараат да се направи јасна разлика помеѓу државјанството нагласено во официјалните документи и националноста. Неофицијално, од Владата велат дека постојат знаци оти и грчката црква ќе ја признае црквата во нашата земја. Според истите извори и грчката страна има голема потреба за изнаоѓање решение.

Од Владата велат дека наишле на посветеност и од страна на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, но, исто така и од страна на опозицијата, односно на ВМРО – ДПМНЕ, чиј претседател им ветил конструктивност.

Тие додаваат дека се конструктивни со коалициониот партнер ДУИ и го известуваат постојано за настаните. Неколку пати по ред, властите истакнуваа дека нема ништо тајно во врска со преговорите.

Референдумот, како последно нешто по постигнувањето на договорот, според извори од Владата е неопходен, но откако јавноста ќе биде подготвена за ова. Не се исклучува можност дека во случај на евентуален договор, тој да се реализира по самитот на НАТО.

Фатлуме Дервиши

Loading...

Shpërndaj me