Која власт повеќе придонела за загадувањето на воздухот, кој, колку и какви автобуси за јавен превоз купил, дали е потребно субвенционирање на електрични тротинети и печки на пелети, чии мерки покажале резултати, а чии не. За ова се расправаа членовите на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија по Информацијата поднесен од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за енормно загадување на воздухот, но конкретни заклучоци не се ниту понудија, ниту усвоија.

Драган Данев од ВМРО ДПМНЕ  рече дека СДСМ дошле на власт со големи ветувања за борбата против загадувањето, а досега не направиле ништо.

„Три години поминаа една квалитетна мерка нема донесено. Напротив, нафтениот кокс кошто загадува енормно се увезува во исти количини, црвената нафта се увезува и се употребува во исти количини, отпадот се увезува дури и во поголеми количини, а граѓаните, почитувани пратеници од позиција, не ве гласаа за ова“, рече Драган Данев – ВМРО-ДПМНЕ.

Му одговори пратеникот Ацевски од СДСМ кој рече дека опозицијата само ја користи  темата за политички напади без да предложи конкретни решенија. Според него сегашните мерки даваат резултати.

„Бројот на денови со високи загадувања во 2019 година е намален и е драстично помал од 2012. И ова се прави врз база на споредбена анализа која ако сакате ќе ви ја доставам и јавно е достапна, ќе ви го кажам и сајтот, на податоците од мерните станици за загаденоста на воздухот“, рече Костадин Ацевски – СДСМ.

Според Лилјана Поповска од ДОМ државата не издвојува доволно средства за борба против загадувањето, а во институциите нема соодветни кадри. Задоволна е што се донеле клучните закони, но бара да се донесе и законот за забрана на увоз на отпад кој се користи како енергенс. Рече дека на терен има слаби резултати и дека најголем загадувач е индустријата.

„Големата индустрија и претставници од големата индустрија коишто сакаат да ги заобиколат законите и коишто не сакаат да вложат средства се како големи мечки кои уценувачки настапуваат кон било која влада и кон било која голема партија и тие се сметаат за главни играчи на државата затоа што носат покачување на брутодомашниот производ. Да БТП ни е битен, битна е борбата со сиромаштијата, битно е вработувањето, меѓутоа здравиот воздух и животната средина се побитни од сѐ“, рече Лилјана Поповска – ДОМ.

Повеќето членовите на комисијата беа согласни дека земјава има добра законска регулатива, но имплементацијата на терен и натаму е слаба.

По комисиската расправа, за енормното загадување на воздухот пратениците ќе дебатираат на пленарна седница на Собранието.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...