Осумнаесет компании кои се под државна капа не го почитуваат Законот за јавни претпријатија. Невладината Центар за граѓански комуникации објави дека 18 директори на јавни претпријатија ги исполниле условите да бидат разрешени или отпуштени, поради ненавремено објавување на годишни и квартални финансиски извештаи на институцијата која што ја раководат. Станува збор за шест компании кој се основани и под ингеренции на Владата. Истражувањето е направено  заклучно 30.11. 2018 година

ЦЕНТАР ЗА ГРАЃАНСКИ КОМУНИКАЦИИ:

ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА

МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ИНФРАСТРУКТУРА

ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ СТРЕЖЕВО БИТОЛА

МАКЕДОНСКИ ШУМИ

МАКЕДОНИЈА ПАТ

МАКЕДОНСКА РАДИОДИФУЗИЈА

Од Владата за Алсат велат дека детално ќе ја разгледаат состојбата и потоа врз основа на наодите ќе донесат одлука. Контактиравме дел од овие државни фирми под владина капа, а изјава добивме само од директорот на ЈП за Државни патишта, Зоран Китанов.

„Ние за се што е и за јавни набавки и одлуки на Управен одбор, финансиски извештај, квартални извештаи, годишни извештаи, сите ги имаме на сајтот објавено. Може би се случило некогаш некој да гледал и да го немало, но можете да го отворите сајтот на Јавното претпријатие и за 2018 година ги имате сите извештаи“, рече Зоран Китанов директор на ЈПДП.

Оваа изјава директорот Китанов  ја даде толку самоуверено бидејќи додека траеше снимањето, доби информација од службите дека финансиските извештаи веќе се поставени на интернет страната на претпријатието.

Останатите 12 јавни претпријатија се под локалните власти. На списокот се комунални и водоводни компании од Скопје, Куманово, Битола, Струга, Тетово. Од Град Скопје ни одговорија дека  засега не се запознаени со проблемот, а од Водовод и канализација Куманово се убедени дека ги имаат објавено сите извештаи. Уште еднаш побаравме потврда од авторот на истражувањето за овие податоци, од каде ни беше посочено дека за секоја државна фирма податоците неколку пати биле разгледувани од тројца истражувачи се со цел да нема пропуст во наодите.

„Законот за јавни претпријатија е дециден, доколку не се објават квартални финансиски извештаи тогаш директорите се стекнуваат со право да бидат разрешени“, рече Сабина Факиќ, Центар за граѓански комуникации.

Според Законот за Јавни претпријатија, државна компанија е должна по усвојувањето на кварталниот финансиски извештај од страна на Управниот одбор на јавното претпријатие извештајот да го објави на својата веб страна најдоцна 30 дена по истекот на тримесечјето.

Годишните сметки и финансиските извештаи пак треба  да се објават на  веб страната во рок од 15 дена од денот на доставување на годишната сметка до Централниот регистар. Во спротивно, Законот предвидува смена на директорската позиција.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me