Промотивните туристички материјали со старото уставно име Македонија со кои државата досега се претставуваше на саемите за туризам во странство, заминуваат во историјата. Се работи на нови промотивни кампањи со новото уставно име Северна Македонија. Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот велат дека во рамките на нивната програма било предвидено создавање на ново туристичко лого како на пример „I need North Macedonia“, односно „Ми треба Северна Македонија“.

„Ние од втората половина односно од саемот во Лондон почнуваме со тивко ребрендирање бидејќи тоа е подолг процес кој треба да се работи. Се подготвуваат нови брошури, нов промотивен материјал, нови спотови.  Ние сме владина агенција и ги следиме насоките на Република Северна Македонија и секако дека ќе настапуваме со новото име…“, рече Љупчо Јаневски- директор на Агенција за поддршка и промоција на туризам.

Промотивните материјали и брошури со старото уставно име кои се околу 30 илјади на број, а со кои агенцијата располага, нема да бидат фрлени, туку ќе се користат за внатрешна употреба и ќе му бидат поделени на туристичкиот сектор.

„Ние како единка не подлегнуваме под тој договор, но секако ако треба ќе направиме и промена на промотивните материјали. Ќе значи дополнителен трошок, но јас се надевам дека ќе биде и дополнителен бенефит после тоа. Ние секако дека сè уште се препознаваме како една од земјите од поранешна Југославија…“, изјави Ана Јанчева- менаџер во хотел Дрим, Струга.

Јанчева смета дека и покрај новото име, нема да имаат проблем да им објаснат на нивните партнери во странство која всушност е дестинацијата бидејќи тие земјава на нивниот пазар и понатаму ја продаваат како Македонија. На последниот саем за туризам во Берлин, Германија, грчката страна реагираше поради користењето на називот Македонија на натписите на штандот на нашата држава.

„Јас не би рекол дека тоа се проблеми, јас би рекол дека повеќе се несогласувања .Се надевам дека во иднина и двете страни ќе бидеме доволно толерантни и кооперативни да го надминеме. Кога говориме за Македонија, јас мислам на регион“, додава Љупчо Јаневски- директор на Агенција за подршка и промоција на туризам.

Во моментов во 13 држави има кампања за Северна Македонија како туристичка дестинација.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...