Тројниот шампион во Формула 1, Австриецот Ники Лауда почина вчера, на 71-годишна возраст. Неговата здравствената состојба беше нарушена минатото лето, кога беше објавено дека го прекинал својот одмор поради напади од кашлица, за потоа да биде хоспитализиран во Виена и да му биде направена операција за трансплантација на белодробно крило.  Лауда ги освои титулите во Формула 1 во 1975, 1977 со тимот на Ферари, а во 1984 година со болид на Мекларен. До денес тој е единствениот возач кому му успеало да дојде до титулата со двата легендарни тима.

Ќе остане запеметен и по големата несреќа што му се случи во 1976, за време на трката за Големата награда на Германија, возена на патеката Нирбургринг, кога при судир неговото ферари се запали, а тој седеше заробен во него скоро цела минута. Дел од неговото лице изгоре, а доби и оштетувања на белите дробови заради вдишување на отровни и жешки гасови. По неполни шест месеци тој се врати на патеките и следната година ја освои втората шампионска титула.

Ники Лауда во два наврати го посети Скопје, промовирајќи ги услугите на неговите авио компании. Последен пат, беше во Скопје на 14 април 2011 година како претставник на „Флај Ники“.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...