Во сите градови во Македонија полесно е да најдеш спортска обложувалница отколку аптека. Додека државите во регионот ги затвораат игрите на среќа, кај нас бројот расте ако се смета по глава жител. Граѓаните велат дека таму каде што училиште и казино се под исти покрив, иднината на младите е под знак прашање.

Дали и Македонија ќе го следи примерот на Косово и на Албанија за затворање на игрите на среќа или само ќе ги дислоцира од населените места и од образовните институции како градинки, училишта или универзитети?

Граѓаните се жалат дека овие објекти „никнуваат“ преку ноќ пред нивните врати. Оние што ги сретнавме на тие места не зборуваа, наведнувајќи ја главата, а другите не можеа да го скријат гневот.

„Во врска со казината би рекол дека станавме срам во светот, мора да се затворат сите. Луѓето го губат паметот, сироти тие што влегуваат. Полошо не може да биде. Купив стан, но кога видов дека отвораат спортски обложувалници во близина, се покајав што купив.“

„Треба да има поретко, не е лошо да има, но тука има многу, речиси на секој метар. Луѓето не знаат што да прават поради сиромаштијата, сметаат дека можат да заработат нешто и таму го остават и последниот денар. Предлагам да се намали бројот и да се дислоцираат на периферија, а не во близина на училиштата каде се движат младите“, реагираат граѓаните.

Од движењето „Против игри на среќа“ велат дека постои ризик во обложувалниците и казината во земјава да се инфилтрираат оние чии бизниси беа затворени во Албанија и Косово. Претседателот на ова движење, Џемал Абдиу, вели дека ова треба да се стопира на институционален начин.

Очекуваме да се усвои нов закон, иако се пролонгира, е клучно прашање кое не не остава на мира. Ако ја земеме предвид изјавата на министерот за финансии и премиерот дека ќе одобрат закон, кој ќе биде поволен за сите граѓани и нема да дозволат влез на нови компании, на терен ситуацијата е поинаква“, рече Џемал Абдиу – претседател на движењето “Против игри на среќа“.

Претставниците на Движењето против игрите на среќата на средбата пред еден месец во Владата, побараа нов Закон, со кој меѓу другото 5% од буџетот од коцкањето да се додели за санирање објекти од јавен интерес, за рехабилитација на зависници од игрите на среќа, како и да се вметне во наставните програми на учениците и студентите материјал за штетата што ја предизвикуваат овие игри. Овие бизниси се и потенцијал за перење пари, а социолозите велат дека зависноста често води и кон растурање на семејствата.

Аднан Ќаили

Loading...

Shpërndaj me

Loading...