Судиите кои без оправдани причини не закажуваат судски рочишта во предметите кои им се доделени и одолговлекуваат или не постапуваат по  предметот поради што може да настане застареност на кривичното дело, исполнуваат услови за несовесно и нестручно вршење на професијата… вакво известување денеска добиле сите претседатели на судови , потпишано од министерката за правда Рената Дескоска. Дополнително таа во писмото ги предупредува претседателите на судовите дека имаат обврска да вршат редовен надзор врз работата на судиите и за сите сознанија да го известат Судскиот совет.

„Ако претседател на Суд не го извести Судскиот совет за сторена потешка дисциплинска повреда на законот од членовите 75, 76 и 77, од страна на судијата, и доколку настанувањето на повредата му била позната, а непријавувањето е заради прикривање на истата, тогаш тоа е основ за поведување на постапка за разрешување од функцијата претседател“, стои во писмото од Министерството за правда.

За дел од правните експерти известувањето од министерката Дескоска е последна опомена за судиите, пред најавениот ветинг.

„Нашите анализи покажуваат дека во голема мера токму овие постапки кои што се високопрофилирани од областа на организираниот криминал и корупција, упатуваат на тоа дека постапките најчесто трпат одлагања на почетокот, при нивното иницирање. Значи од влегување на суд до одржување на првото рочиште, односно давање воведни говори. Тоа беше случај со неколку од предметите меѓу кои и овој предмет „Траекторија“ што застаре за еден од обвинетите“, рече Натали Петровска – Коалиција за правично судење.

Ветингот во правосудниот систем власта го најавува подолго време, а со сличен став како министерката Дескоска пред неколку дена излезе премиерот Заев кој порача процесот да го почне Антикорупциската комисија со проверка на имотот и парите на судиите и обвинителите, како и преку Судскиот совет и Советот на обвинителите, кои треба да ја проверат нивната ажурност и причините за застарување на предметите.

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...