Лидерот на опозициската Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис рече дека признавањето на јазикот и македонската националност со потпишувањето на Договорот од Преспа, грчката влада отворила пат соседната држава да се зачлени во НАТО.

„Денеска во Брисел, Каменос и Ципрас на соседната држава и отворија пат за интеграција во НАТО. Со ова, го предаваат најголемото оружје кое Грција го имаше и и беше национална линија во последните 27 години“, изјави Кирјакос Мицотакис- Нова Демократија.

Шефицата на Движењето за промени, Фофи Генимата, побара земјава да не добие покана за членство во НАТО.

„Јас сакам, и сега, во последните моменти, да упатам повик, да нема покана за Скопје. Да има одлука за покана дури по завршување на процесот што треба да го комплетираат. Нашата земја не треба сега да ги даде своите предности без да биде сигурна дали другата страна ќе биде успешна и ќе ги заврши сите обврски кои ги преземала“, посочи Фофи Генимата- Движење за промени.

Грција денеска протера двајца руски дипломати и им забрани влез на други двајца, под сомнение дека ја загрозиле националната безбедност. Грчката влада изјави дека руските функционери планирале да обезбедат чувствителни информации. Грчкиот весник „Катимерини“ објави дека Атина наредила протерување на руските дипломати, по нивните пресретнати обиди за наштетување на договорот за името.

„Грција докажа дека во областа на меѓународната политика сака добри односи со сите држави. Но, грчката држава останува одлучна да ги спроведе правилата на меѓународната заедница“, рече Димитрис Ѕанакопулос- портпарол на грчката влада.

Русија која е против проширување на НАТО на Балканот најави дека ќе одговори на протерувањето на нејзините дипломати од Грција.

Елмедина Алији

Shpërndaj me