Вилма Рускоска поднесе обвинение против, Боки 13, Катица Јанева и Зоран Кичеец. Ги гони за против законито влијание, перење пари како и за злоупотреба на службена положба. Обвинителството за организиран криминал утврдило дека Бојан Јовановски го искористил пријателството со Јанева и му ја олеснил положбата на Орце Камчев осомничен во случајот на СЈО, „Империја“. Зоран Милевски-Кичеец ги договарал средбите со сопругата на Камчев и со Орце лично. Откако бизнисменот почнал да им плаќа милионски рекет на изнудувачите и неговите пари почнале да доаѓаат, Јанева дала зелено светло Камчев од Шутка да оди во куќен притвор, а потоа одобрила да му биде вратен и пасошот.

Второобвинетата ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра. Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание -велат од Обвинителство за организиран криминал.

Паралелно со финиширањето со обвинението за првиот дел од „Рекет“, Вилма Рускокса ја прошири истрагата. Нови четири лица заедно со Боки 13 се осомничени за измама и перење пари преку хуманитарната организација на Боки, Меѓународен сојуз. Дел од измамата евентуално биле татко му на Боки, потоа Јасна Мандиќ, заменичка на Бојан Јовановски во хуманитарната организација, но и потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски. Таа наводно била гарантор за презентираните проекти на Боки. За Мандиќ, обвинителството бараше притвор, но доби куќен. За останатите има мерки на претпазливост. Ременски денеска дојде во судот каде ù беше побаран пасошот. Рече дека не чувствува вина за случајот.

Вака стои во соопштението, сте помагале или сте овозможиле да се стекне впечаток во јавноста дека можат да се извлечат пари благодарејќи на контактот со извршната власт?

Па, освен тоа, обвинителството немаше ни друг доказ пред судот во делот на аргументација. Јас очекувам обвинителството да го докаже тоа што ми го става на товар – изјави Фросина Ременски, осомничена во „Рекет“.

Синоќа, обвинителката Вилма Рускоска објасни дека вештачењето на телефоните и компјутерите на Боки 13, Зоран Кичеец и Катица Јанева откриле клучни докази. Дополнително откри дека еден од тројцата барал спогодба. Не откри име, но неофицијално тоа била поранешната шефица на СЈО.

Да, имаше кај некој од осомничените. Не се поднесе официјално иницијатива за склучување спогодба, но побараа спогодба, но ќе видиме што ќе одлучиме – рече Вилма Рускоска, обвинителка.

Адвокатите на Јанева сметаат дека со ваквите изјави Обвинителството директно ја ослабува нејзината позиција и позицијата на одбраната. Инаку Рускоска за веќе тројцата обвинети во „Рекет“ побара продолжување на мерката притвор.

Бојан Стојановски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...