Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица, од кои едно се товари за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека на останатите три лица на товар им се става дека помагале при извршување на истото кривично дело.

Во периодот од 16.12.2014 година до 29.05.2017 година, првообвинетиот во својство на вршител на должноста директор на Централниот регистар, со пречекорување на границите на своето службено овластување, усно наредил една вработена да биде евидентирана како редовно присутна на работа во месечните листи кои ги изготвувало Одделението за човечки ресурси, иако бил свесен дека цело време вработената воопшто нема да доаѓа на работа, туку ќе биде ангажирана за партиски активности на една политичка партија. Спротивно на законските акти и правилниците на Централниот регистар, таквата листа била доставувана до Одделението за финансиско-сметководствени работи и врз основа на тоа на вработената неосновано и била исплаќана плата и придонеси на плата. Останатите тројца обвинети – раководителка и две советнички од Одделението за човечки ресурси на Централниот регистар, се обвинети дека со умисла му помогнале на в.д. директорот во извршувањето на кривичното дело.

На овој начин била нанесена штета на буџетот на институцијата во износ од 824.837 денари по основ на исплатени плати, додека за вработената била прибавена корист и на штета на Фондот за здравствено осигурување во износ од 344.283 денари. Со ова вкупниот износ на нанесената штета изнесува 1.169.120 денари.

За четирите обвинети лица на сила се мерки на претпазливост претходно определени од Основниот кривичен суд Скопје, а на првообвинетиот во текот на кривичната постапка му е определена и гаранција во износ неколкупати повисок од штетата за која се товари.

Во истиот предмет, надлежниот јавен обвинител донесе и Наредба за запирање на истражната постапка против едно лице, раководител на Регионалната регистрациона канцеларија – Скопје, бидејќи во текот на истрагата не беа утврдени докази дека осомничениот имал умисла да му помогне на првоосомничениот да ги прикрие дејствијата на злоупотреба.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...