Развивањето платформа за директна координација и комуникација помеѓу органите на прогонот и сите инволвирани владини институции е клучно за подобро справување со потенцијалните кризни ситуации со миграцијата, порачаа учесниците на денешната тркалезна маса во Скопје организирана од Мисијата на ОБСЕ.

На дискусијата присуствуваа околу 35 претставници на државни институции, национални агенции, меѓународни организации и невладини организации кои изнесоа препораки за детален План за вонредни состојби во областа на миграцијата.

– Ќе продолжиме да и помагаме на земјата да се подготви за евентуални миграциски кризи, помагајќи им на националните власти во развивањето на национален план заснован на најдобрите меѓународни практики и насоки, рече Марија де Бенито Родригез, советник за мигранти и безбедност на бегалци при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска посочи дека денешната трибина може да помогне да се развие подобар и посеопфатен План за вонредни состојби во областа на миграцијата, врз основа на искуството стекнато во текот на годините.

– Миграцијата се провлекува низ годините и миграциската криза која произлегува од таквите движења покажа дека навистина е тешко, речиси невозможно, да се пронајде унифициран и стандардизиран одговор на сите миграциски текови, бидејќи секое движење на луѓе и секоја евентуална криза е специфична и карактеристична по различни елементи и предизвици својствени токму за таа криза, рече Несторовска.

Државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика Елена Грозданова потенцира дека донаторската помош била клучна за успешно справување со миграциската криза.

– Успешното справување со миграциската криза, кое беше потврдено од неколку меѓународни извештаи, не би било можно без голема донаторска помош. За повеќе од милион луѓе кои поминаа преку земјата, може да заклучиме дека заштитата и хуманитарната поддршка кои им беа понудени беа на задоволително ниво, рече Грозданова.

Денешната дискусија е дел од активностите на Мисијата за промовирање на пристапот заснован на жртвата и човековите права кон справување со предизвиците кои ги носат миграциските текови.

Shpërndaj me