Долгонајавуваниот терминал кај тетовското село Јажинце зависи од модернизацијата на патот кој води до граничен премин. Министерот за економија Крешник Бектеши, вели дека ова прашање ќе биде разгледувано и на следната меѓувладина седница на Македонија и Косово. Исплатливоста на овој проект допрва ќе се проверува.

„Треба да се има разбирање за ова, за техничките можности за ова, ќе треба да се види и со косовската страна колкави се техничките можности,  да се воспостави еден таков терминал. Се зголемува потребата од терминал на Блаце, па зашто не понатаму да се реализира оваа иницијатива“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.

Инаку Министерот Бектеши денеска потпиша меморандум за соработка со неговиот колега од Косово Вилдрин Лука за проекти поврзани со енергетиката. Владата не отстапува од идејата да инвестира во енергетските објекти Чебрен и Галиште. Министерот Бектеши вели дека се уште се прават пресметки дали да се вложат пари од државната каса или да се земе кредит.

Косовскиот министер Лука беше прашан кои се идните планови на електраната „Ново Косово“, за која што Светска Банка не одобри пари бидејќи беше планирано да работи на јаглен, па се стравува дека ќе биде нов загадувач .

„Капацитетот на „Ново Косово“ е помал од оној кој ќе го затвориме и разликата се очекува да се компезира со производство од обновливи извори на енергија“, рече Валдрин Лука, министер за економски развој на Косово.

На денешната средба помеѓу двајцата министри се разговараше и за подобрување на инфраструктурното поврзување кое треба да резултира со зголемување на трговската размена. Од Приштина до Блаце автопатот треба да биде пуштен во брзо време, а градежните работи од Скопје до границата со Косово се уште не се ниту започнати.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me