Над 16 тони цигари Царината заплени на граничниот премин Богородица, а пак на Табановце бил спречен обид за нелегален влез на 13 тони тутун. Доколку оваа стока завршела во малопродажба, штетата ќе изнесувала околу еден милион евра за државата. Станува збор за кинески марки на цигари кои биле произведени во друга земја во која кинеската фирма има своја фабрика. Три лица заработија кривични пријави за шверц.

„На граничниот премин Табановце на 28 мај 2019 година, во контрола на товарно моторно возило утврдено е дека истото содржи илјада пакети со нелегални цигари, со вкупна тежина од 15.000 килограми . На граничниот премин Богородица на 16 мај 2019 околу 18:00 часот, царинските служби запленија товарно моторно возило во кое се откриени 130 пакети со 13.000 килограми нето тежина, а бруто тежината е 14.300 со тутун во лист“, рече Ѓоко Танасоски директорот на Царинската управа.

Допрва ќе се утврдува дали овој обид за нелегален влез на тутун има поврзаност со тутунот кој беше запленет во Љуботен пред помалку од еден месец. Директорот уште еднаш уверува дека царината нема никаква вмешаност со таа афера.

„По оние сознанија кои досега ги имаме немаме констатирана ситуација на злоупотреба на службената должност. Меѓутоа доколку во текот на истрагата излезе дека некое лице тоа го направило ние ќе постапиме согласно внатрешните процедури“, додава Танасоски.

Во акцијата на Финансиската полиција во скопското село Љуботен беа запленети 12 тони тутун. Истрага има за четири лица кои наводно тутунот го увезле на нелегален начин. Директорот на Финансовата полиција Арафат Муареми, тие денови во интервју за Алсат изјави дека во шверцот на тутунот учествувале и лица од Министерстовто за економија и Царинската управа.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...