Летните одмори се во тек. После минатонеделното временско интермецо, проследено со дождови и грмотевици, време е за сонце, вода и прекрасни летни дестинации.

Дали некогаш сте биле на Плитвички Езера во Хрватска? Ако одговорот е НЕ, време е да го промените тоа. Направете нешто поразлично, донесете нови искуства и нови пејзажни фотографии на кои секогаш ќе се навраќате со уживање.

Плитвички Езера е всушност Национален парк кој се наоѓа во источна Лика, помеѓу планините Мала Капела и Плешивица, во непосредна близина на патот кој ги поврзува Загреб и Далмација. Регионот, каде се наоѓаат овие езера е објавен како национален парк на 8 април 1949 година, а од 1979 година е вклучен во списокот на УНЕСКО на светското наследство.

Се до 1958 година, регионот кај езерата не бил достапен, односно до нив се доаѓало единствено преку планината. Ова се сметало дека била и една од причините поради која езерата биле многу малку посетувани.

Токму заради тоа, Јосип Мовчан, кој бил раководител на тогашната управа на паркот, го решил проблемот градејќи мостови од дрво. На тој начин не само што полесно се пристигнувало до езерата, туку се зголемиле и самите приходи кои доаѓале од туристите кои го посетувале ова место.

Тука има многу водопади, езера, шуми. Интересен е податокот кој вели дека највисокиот водопад е околу 70 метри. Што се однесува до езерата, туристите се воодушевени од нивните бои кои варираат од небесно сина, светло зелена, а на некои места и сива боја, во зависност од количината на минералите и организмите кои се наоѓаат во водата, како и од аголот под кој паѓа сончевата светлина.

Денес, оваа туристичка атракција ја посетуваат туристи од целиот свет. Ставете ја на Вашата мапа и уживајте во глетката која ќе Ве воодушеви.

Извор: hybread.mk

Shpërndaj me