Управниот суд утврдил дека нема судир на интереси во одлуката за исплата на лозарите пред претседателските избори и ја поништи одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата по приговор на ВМРО ДПМНЕ. Претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини денеска објави дека освен оваа одлука, за првиот дел од изборната кампања Судот постапувал по уште три други случаи поврзани со претседателските и локалните избори и тие се одбиени.

„Во петокот се одлучи по тужбата на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Тужбата беше уважена и е поништена одлуката на комисијата“, рече Бурим Сејдини, претседател на Управен суд.

Антикорупциската комисија на 17 април отвори постапка по приговор на ВМРО ДПМНЕ за истрага на предизборна исплата на вкупно 77 милиони денари на над две илјади лозари за откуп на винско грозје на две винарии во стечај. Управниот суд утврдил дека во тој случај нема судир на интереси. Аргумент на Платежната агенција беше дека членот од Законот кој ги забранува овие трансакции во предизборен период е укинат претходно.

Претседателот Сејдини информираше дека се отфрлени двете тужби на 1ТВ против ценовникот на ДИК за изборно рекламирање, и една која се однесува за заштита на избирачко право поднесена од страна на Стево Митевски со која бара упис во Избирачкиот список, бидејќи во тоа време истиот бил затворен. Кажа дека засега нема стигнато претставки кои се однесуваат на вчерашниот изборен ден, кој според него поминал мирно.

Истите очекувања ги има и за вториот круг на претседателски избори. Информираше дека во март годинава се формирани пет совети кои по случаен избор, одлучуваат по тужбите доколку ги има. Рокот за одлучување на Управниот суд е 48 часа од моментот на поднесување на тужбата. На минатите избори до Управниот суд биле поднесени 27 тужби.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...