Средношколците во Македонија споредено со земјите од регионов, се подобри само од своите врсници од Косово, покажаа резултатите од меѓународното тестирање ПИСА на средношколци на возраст од 15 години. Тестирањето е спроведено во 79 земји, а Македонија е рангирана на 67 место во читање и во математика, а на 62 место во знаењата по природни науки. Пред неа се Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и Албанија.

Сепак, според министерот за образование Арбр Адеми, ова е голем успех затоа што Македонија е втора земја со најголем скок во резултатите меѓу две тестирања.

„Во читање ние сме први, во математика сме трети по Турција и Албанија, во наука сме втори по Турција – по скокот направен. Мислам дека ова е значителен напредок ова е одличен показател дека се движиме на прав пат, во добра насока сме и секако треба во континуитет да продолжиме“, рече министерот Адеми.

Иако и покрај скокот во рангирањето резултатите и натаму се слаби, Адеми смета дека би било многу полошо ако сме продолжеле да копаме по светското дно.

„Промените и резултатите преку ноќ не можат да дојдат. Замислете ако остваревме полош резултат па макар и за еден поен, не подобар за 41 поен во читање. Која би била пораката? Сигурно би била многу полоша“, додава Адеми.

На прво место во светот се средношколците од Кина, а потоа следуваат Сингапур, Макао, Хонгконг, додека од европските земји најдобри резултати покажале средношколците во Естонија, која е на петто место. Средношколците во земјава ПИСА-тест полагаа во 2000 и во 2015 година, кога добија резултати под меѓународниот просек. Во 2015 година дното го делевме со Тунис, Косово, Алжир и Доминиканска Република.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...