И покрај тоа што од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување тврдат дека проблемот со жителите на Струга, кои речиси два месеци чекаат да ги добијат решенијата за да можат да заминат во пензија, а за кои Алсат вчера пишуваше бил надминат, новите пенизонери денес го тврдат спротивното. Од Фондот за пенизиско потврдија дека проблемот настанал кога во пензија заминале и вработените кои ги потпишувале решенијата за пензија, а од Минстерството за финансии не добиле согласност за нови вработувања.

„Ве известуваме дека и покрај проблемите со кои се соочува Фондот, поради недостиг на кадар, а причина за тоа е недобивање согласност од Министерството за финансии за нови вработувања, сепак со моментално ангажираниот постоечки кадар во оваа Филијала, наведениот проблем е надминат“, соопштуваат од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување-Скопје.

Миле Балоски кој во пензија заминал, како вработен во општина Струга, вели дека никој не ги контактирал и оти нема никаква информација дека решенијата биле готови.

„Заминав со 31.12 во пензија. Досега немаме добиено никакво решение, ниту пак пензија.. Еве 45 дена чекаме, нема одговор. Нeмаме ништо, немаме пензија, немаме здравствено осигурување, немаме ни решение. Не сум само јас во овој случај, сто луѓе се во прашање. А, немаме одговор никаков, а се работи за технички работи“, вели Балоски.

На долги процедури вчера се пожалија и оние кои да добиваат пензија од странство.

„Дадов барање за средување на пензија на 4- ти декември минатата година во Чешкиот завод за социјални работи. На 6-ти јануари пратени се документите во централата во Македонија. Сега повторно ми бараат оригинал работна книшка, преведување на документи и заверки. Јас само им реков дека бирократијата во Македонија нема краj“, вели Драган Матески-жител на Струга.

Поради ваквата ситуација наместо мирни пензионерски денови, новите пензионери со месеци  се принудени сите здравствени прегледи да ги плаќаат приватно, затоа што немаат ниту пензиско ниту здравствено осигурување.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...